(продолжува од претходниот ден) „Верувајте ми дека јас сум во Отецот и Отецот е во мене. Ако не инаку, верувајте по делата.“ Нивната вера можела сигурно да почива врз доказите дадени во Христовите дела, во делата што ниеден човек сам од себе никогаш не ги сторил, ниту кога и да е ќе може да ги стори. Христовото дело сведочело за неговото божество. Преку него се открил Отецот.

Кога учениците би верувале во оваа жива врска меѓу Отецот и Синот, нивната вера не би се поколебала кога ги виделе Христовите страдања и неговата смрт за спасение на светот што гинел. Христос сакал да ги поведе од нивната слаба вера во искуството што би го стекнале кога навистина би го сфатиле она што Тој бил Бог во човечко тело. Сакал да увидат како нивната вера мора да ги доведе до Бога и тука да ги укотви. Со колкава сериозност и истрајност нашиот сочувствителен Спасител сакал да ги приготви своите ученици за луњата на искушенијата што наскоро ќе се урне врз нив! Сакал со него да бидат скриени во Бога.

Додека ги изговарал овие зборови, од Христовото лице блескотела Божја слава и сите присутни, додека будно ги слушале неговите зборови, чувствувале света страхопочит. Нивните срца биле уште посилно привлечени кон него, а кога со поголема љубов биле привлечени кон Христа, биле привлечени и едни кон други. Чувствувале дека Небото е мошне близу и дека зборовите што ги слушале им биле порака од нивниот небесен Отец.

„Вистина, вистина, ви велам“, продолжил Христос, „кој верува во мене, делата што ги правам јас ќе ги прави и тој.“ Спасителот имал голема желба неговите ученици да ја сфатат причината поради која својата божествена природа ја соединил со човечката. Дошол на светот за да ја покаже Божјата слава која што човекот го издигнува и го обновува. Бог се открил во него за Тој да се открие во нив. Исус не открил никакви особини, ниту покажал сила што на луѓето не би им биле достапни со вера во него. Сите негови следбеници можат да ја имаат неговата совршена човечка природа, ако му се покорат на Бога како што го сторил тоа Тој.

„Ќе прави и поголеми од нив, зашто јас одам кај Отецот.“ Христос со ова не сакал да каже дека работата на учениците ќе има повозвишен карактер од неговата, туку дека ќе биде раширена на поголемо пространство. Не зборувал само за правење чуда, туку за сè што ќе се случува под дејство на Светиот Дух.

По Господовото вознесение, учениците го сфатиле исполнувањето на неговото ветување. Сцените поврзани со Христовото распнување, со неговото воскресение и вознесение, за нив биле жива стварност. Виделе дека пророштвата буквално се исполниле. Го истражувале Писмото и со вера и сигурност, што порано им биле непознати, го следеле неговото учење. Знаеле дека божествениот Учител бил сè што тврдел дека е. Додека го раскажувале своето искуство и ја извишувале Божјата љубов, човечките срца биле смекнати и совладани и мнозина поверувале во Исуса.

Ветувањето на Спасителот, дадено на учениците, е ветување дадено на неговата Црква до крајот на времето. Бог не замислил неговиот величествен нацрт за откуп на луѓето да постигне само незначителни резултати. Сите што ќе ја прифатат работата, не потпирајќи се врз она што самите можат да го сторат, туку врз она што може да го стори Бог во нив и преку нив, сигурно ќе го сфатат исполнувањето на неговото ветување: „Ќе прави и поголеми од нив“, изјавува Тој, „зашто јас одам кај Отецот.“

До тогаш учениците не ги познавале неограничените извори на моќта и силата на Спасителот. Им рекол: „Досега ништо не баравте во мое име“ (Јован 16,24). Објаснил дека тајната на нивниот успех лежи во барањето сила и благодат во негово име. Тој ќе биде присутен пред Отецот да се моли за нив. Молитвата на понизниот молител Тој ја претставува како своја лична желба за таа душа. Секоја искрена молитва стигнува на небото. Можеби нема да биде течно изразена, но ако е од срце, ќе се издигне до светињата во која Исус служи, и Тој ќе му ја принесе на Отецот со совршени зборови, красна и миризлива од темјанот на неговото сопствено совршенство.

Патеката на искреноста и чесноста не е патека без пречки, но затоа во секоја тешкотија треба да видиме повик на молитва. Не постои ниту едно суштество кое има некоја моќ што не ја примило од Бога, и дека изворот од кој таа потекува му е достапен и на најслабото човечко суштество. „Што и да побарате во мое име“, кажува Исус, „ќе го сторам за да се прослави Отецот во Синот. Што и да посакате во мое име, јас тоа ќе го сторам.“

Со налогот „Во мое име“ Христос им покажал на своите ученици како да се молат. Неговите следбеници треба да стојат пред Бога во Христово име. Во Господовите очи тие имаат вредност со вредноста на жртвата што е дадена за нив. Тие се драгоцени поради Христовата праведност што им е засметана. Заради Христа Господ им проштава на оние што се бојат од него. Тој во нив не ја гледа злобата на грешникот. Во нив ја препознава сличноста со својот Син во кого што веруваат. (продолжува)

Pin It on Pinterest