(продолжува од претходниот ден) Додека патувале така, сонцето се спуштило пред залез и, пред патниците да стигнат до своето родно место, работниците на полињата веќа ја напуштале својата работа. Кога учениците се готвеле да влезат во својот дом, странецот како да најавувал дека сака да го продолжи патот. Меѓутоа, учениците чувствувале дека Тој ги привлекува. Нивните души копнееле да слушнат уште повеќе од него. „Остани со нас“, му рекле. Се чинело дека не го прифатил повикот, но тие упорно инсистирале: „Ноќта наближува, а денот веќе превали.“ Христос попуштил пред нивното преколнување „и влезе за да остане со нив“.

Кога учениците не би биле упорни во својот повик, не би дознале дека нивниот сопатник бил воскреснатиот Господ. Христос никогаш никому не му го натура своето друштво. Тој се интересира за сите на кои им е потребен. Радо ќе влезе во најскромниот дом и ќе го израдува најпонизното срце. Но ако луѓето премногу се рамнодушни кон небесниот Гостин или не го бараат да остане со нив, Тој ќе продолжи понатаму. На тој начин мнозина се соочуваат со голема загуба. Тие Христа нема да го запознаат во поголема мера одошто учениците додека оделе со него по патот.

Набргу бил приготвен едноставен вечерен оброк од леб. Ставен е пред Гостинот кој зазел челно место на трпезата. Ги подал рацете да ја благослови храната. Учениците се тргнале од изненадување. Нивниот сопатник ги подава рацете потполно на ист начин како што го правел тоа нивниот Учител. Повторно погледнале и, кога, на неговите раце забележуваат траги од клинови. Наеднаш обајцата извикнале: Тоа е Господ Исус! Тој воскреснал од мртвите!

Станале да се фрлат пред неговите нозе и да му служат, но Тој исчезнал од нивниот поглед. Погледнале на местото штого заземал Оној чиешто тело неодамна е положено в гроб и си рекле еден на друг: „Не гореа ли нашите срца во нас, кога ни зборуваше по пат и ни ги толкуваше Писмата?“

Со оваа голема вест што требало да ја соопштат не можеле да седат и да си прикажуваат. Уморот и гладот исчезнале. Оставајќи го својот оброк негибнат, полни со радост, веднаш пак се упатиле по патот по кој дошле, брзајќи да им ја соопштат радосната вест на учениците во градот. На некои делови патот не бил безбеден, но се искачувале низ стрмни места, лизгајќи се на мазните карпи. Не виделе и не знаеле дека имаат заштита од Оној што патувал на овој пат со нив. Со патнички стап во раката, оделе бргу, сакајќи да одат побргу отколку што можеле. Ја загубиле патеката и повторно ја нашле. Наместа трчале, наместа се сопинале, оделе напред со својот невидлив Сопатник кој ги придружувал во текот на целиот пат.

Ноќта била мрачна, но ги осветлувало Сонцето на правдата. Срцата сакале да им изрипаат од радост. Им се чинело како да се во нов свет. Христос е жив Спасител. Тие за него не тагуваат повеќе како за мртов. Христос станал повторувале постојано. Тоа била веста што им ја носеле на жалосните. Морале да им го раскажат прекрасниот настан од патот за Емаус. Морале да раскажат кој им се придружил попатно. Тие ја носеле најголемата вест што кога и да е му е дадена на светот, радосната вест врз која се потпираат надежите на човечкото семејство за време и за вечноста.

Pin It on Pinterest