(продолжува од претходниот ден) Штом се замолкнати фарисеите, на сцената истапиле садукеите со своите лукави прашања. Меѓу овие две партии постоело огорчено непријателство. Фарисеите биле строго приврзани кон преданието. Биле прецизни при извршувањето на обредите, трудољубиви при миењето, во постот и долгите молитви, расфрлајќи се при давањето милостина. Меѓутоа, Христос изјавил дека тие го укинувале Божјиот закон, учејќи на човечки заповеди наместо на вистинската наука. Како општествен слој, биле верски занесеници и лицемери, па сепак, меѓу нив имало вистински побожни луѓе кои го прифатиле Христовото учење и станале негови ученици. Садукеите го отфрлиле преданието на фарисеите. Тврделе дека веруваат во поголем дел на Светото писмо и дека го сметаат за правило на своето однесување, но всушност биле сомничави и материјалисти.

Садукеите го негирале не само учењето за постоење на ангели, туку и воскресението на мртвите и учењето за идниот живот со неговите награди и казни. Во сите овие точки се разидувале со фарисеите. Воскресението било посебен предмет на расправии меѓу овие две партии. Фарисеите цврсто верувале во воскресение, но во овие расправии нивните погледи за идната состојба станувале нејасни. Смртта за нив станала необјаснива тајна. Нивната неспособност да одговорат на доказите на садукеите предизвикала постојана раздразливост. Расправиите меѓу двете партии обично создавале остри караници што уште повеќе ги раздвојувале.

Бројот на садукеите значително опаднал под бројот на нивните соперници, па немале толку силна потпора среде обичниот народ, но мнозина од нив биле богати и имале влијание што го носи богатството. На нивните редови им припаѓале повеќето свештеници, и првосвештеникот обично се бирал од нивна средина. Ова се правело под изричен услов да не се истакнуваат нивните сомничави ставови. Земајќи го во обѕир бројот и омиленоста на фарисеите, било неопходно садукеите, додека се во свештеничка служба, макар привидно да се согласат со нивните учења, а самиот факт дека можеле да бидат бирани во таква служба го засилувал влијанието на нивните заблуди.

Садукеите го отфрлиле Исусовото учење. Тој бил поттикнат со дух чијашто манифестација не сакале да ја признаат; а неговото учење за Бога и за идниот живот биле во спротивност со нивните теории. Верувале во Бога како во единствено суштество кое е посилно од човекот, но докажувале дека провидението што владее со сè и божественото предзнаење би го лишиле човекот од слободно морално одлучување и би го унизиле до положба на роб. Верувале дека Бог, откако го создал човекот, го препуштил самиот на себе, да биде независен од какво и да е повозвишено влијание. Сметале дека човекот е слободен да управува со сопствениот живот и да ги обликува настаните во светот; дека неговата судбина е во неговите сопствени раце. Побивале дека Божјиот Дух дејствува преку човечките напори или преку природните средства. Сепак, се согласувале дека со правилна употреба на своите природни сили човекот може да стане возвишен и просветлен, дека со Божјите строги и трезни барања неговиот живот може да се исчисти.

Нивните поими за Бога го обликувале нивниот карактер. Според нивното гледиште, бидејќ и Тој воопшто не се инте­ ресира за човекот, и тие имале малку обѕири еден кон друг; меѓу нив имало малку единство. Бидејќи одбивале да го признаат влијанието на Светиот Дух врз човечките активности, во животот им недостигала негова сила. Како и другите Евреи, се фалеле со своето право според раѓањето што го имаат како Аврамови деца и со своето строго почитување на законските барања, но немале вистински дух на законот, дух на Аврамовата вера и доброта. Нивното природно сочувство било сведено во тесни рамки. Верувале дека сите луѓе можат да си обезбедат угодности и благодети во животот, па нивните срца не биле трогнати со потребите и страдањата на другите. Живееле за себе.

Со своите зборови и дела Христос сведочел за божествената сила која дава натприродни резултати за идниот живот, за животот што ќе го замени сегашниот; зборувал за Бога како татко на сите луѓе, кој секогаш внимателно ги следи нивните вистински потреби. Тој укажал на дејствувањето на божествената сила во доброчинството и сочувството, што ја укорувала себичната садукејска исклучивост. Учел дека Бог со својот Свети Дух му помага на човекот да има добро срце и во овој живот, но го приготвува и за идниот, вечен живот.

Укажувал на грешката што ја правеле кога се потпирале врз човечка сила за промена на карактерот, што може да се постигне само со Божјиот Дух. (продолжува)

Pin It on Pinterest