(продолжува од претходниот ден) Садукеите цврсто решиле да ја уништат довербата во ова учење. Барајќи да расправаат со Исуса, биле уверени дека ќе го доведат дотаму да го загуби угледот, дури иако не ќе можат да го осудат. Воскресението било предмет за кој избрале да го прашаат. Ако се согласи со нив, Тој ќе им нанесе уште поголема навреда на фарисеите. Во случај да не се согласи со нив, решиле неговото учење да го изложат на потсмев.

Садукеите заклучувале дека, ако телото е составено од иста материја во својата бесмртна, како и во смртната состојба, кога ќе воскресне од мртвите тоа ќе мора да има ткиво и крв и во вечниот свет ќе го продолжи животот што е прекинат на земјата. Во тој случај, си заклучувале тие, земните односи ќе продолжат, мажот и жената повторно ќе се соединат, браковите ќе се одржат и сè ќе продолжи онака како што било пред смртта, а слабостите и страстите на овој живот ќе продолжат во животот што ќе настапи.

Одговарајќи на нивните прашања, Исус го тргнал превезот од идниот живот. „Кога ќе воскреснат од мртвите“, рекол Тој, „ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небото“. Покажал дека садукеите грешат во своето верување. Нивните ставови биле погрешни. „Грешите“, додал, „и не ги разбирате Писмата, ниту Божјата сила.“ Не ги обвинувал како што ги обвинувал фарисеите за лицемерство, туку за погрешно верување.

Садукеите си ласкале себеси дека од сите луѓе најстрого се придржуваат кон Светото писмо. Меѓутоа, Исус покажал дека не го знаат неговото вистинско значење. Тоа сознание мора да допре до срцето со просветлување од Светиот Дух. Изјавил дека нивното непознавање на Светото писмо и на Божјата сила е причина за нивната конфузија во верата и за затемнетоста на умот. Се обиделе Божјите тајни да ги сведат во рамките на своето ограничено расудување. Христос ги повикал своите умови да ги отворат пред светите вистини што ќе го прошират и ќе го засилат нивното разбирање. Илјадници умови стануваат неверници затоа што нивните ограничени умови не можат да ги сфатат Божјите тајни. Тие не можат да го објаснат чудесното откровение на божествената сила во неговото провидение, па затоа ги отфрлаат доказите на таа сила, припишувајќи им ги истите на природните сили што можат помалку да ги разберат. Единствен клуч за решение на тајните што нè опкружуваат е да го признаеме Божјето присуство и неговата сила во нив. Луѓето треба да го признаат Бога како Творец на вселената, како Оној кој му заповеда на сè и кој извршува сè. Потребно е да имаат пошироко разбирање за неговиот карактер, како и за тајната на неговата сила.

Христос изјавил пред своите слушатели дека, кога не би имало воскресение на мртвите, Светото писмо, во кое тие тврдат дека веруваат, не би било од никаква полза. Рекол: „А за воскресението на мртвите, не сте читале ли за она што ви кажа Бог, кој вели: ‘Јас сум Бог на Аврама, Бог на Исака и Бог на Јакова?’ А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!“ „Јас сум она што не постои”, Бог го смета како да постои. Тој го гледа крајот од почеток и го набљудува резултатот на својата работа како сега да е извршена. Драгоцените мртви од Адама сè до последниот посветен човек што ќе умре, ќе го чујат гласот на Божјиот Син и ќе излезат од гробовите во бесмртен живот. Бог ќе биде нивни Бога тие ќе бидат негов народ.

Меѓу Бога и воскреснатите праведници ќе постои блиска и нежна врска. Оваа состојба, која однапред е опфатена со неговата намера, Тој ја набљудува како веќе да постои. Мртвите за него се живи.

Садукеите биле замолкнати со Христовите зборови. Не можеле да му одговорат. Не бил изговорен ниту еден збор што би им дал и најмалечка можност да го осудат. Неговите непријатели не добиле ништо освен презир од страна на народот.

Меѓутоа, фарисеите не ја загубиле надежта дека ќе го натераат да го каже она што би можеле да го искористат против него. Наговориле еден законик да го праша Исуса која од Десетте заповеди на законот е најважна.

Фарисеите ги издигнувале првите четири заповеди што укажуваат на должноста на човекот кон Творецот, како да имаат многу поголема важност отколку другите шест што ја одредуваат човековата должност кон неговиот ближен. Како резултат на тоа, ним видливо им недостигала побожност на дело. Исус му го покажал на народот нивниот голем недостиг и ги поучувал за потребата од добри дела, изјавувајќи дека дрвото се познава по своите плодови. Затоа го обвинувале дека последните шест заповеди ги издигнува над првите четири.

Законикот му пристапил на Исуса со непосредно прашање: „Која е прва од сите заповеди?“ Христовиот одговор е непосреден и убедлив: „Првата е: ‘Слушај, о Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, и љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила!“ Втората е како и првата, рекол Христос, зашто оваа произлегува од неа: „Љуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се потпираат целиот закон и пророците.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest