(продолжува од претходниот ден) „Кога им го кажа ова, дувна на нив и им рече: ‘Примете Свети Дух! На оние на кои ќе им ги простите гревовите, простени им се; на кои ќе им ги задржите, задржани им се.’“ Светиот Дух уште не се покажал потполно, зашто Христос уште не бил прославен. Поизобилно давање на Духот настапило дури по Христовото вознесение. Сè додека не го примиле ова, учениците не можеле да го исполнат налогот да му го проповедаат евангелието на светот. Сега Духот го примиле со одредена цел. Учениците не можеле да ги исполнуваат доверените должности во Црквата сè додека Христос не ги вдахнал со својот Дух. Им го доверил најсветото завештание и сакал да увидат дека ова дело не може да се изврши без Светиот Дух.

Светиот Дух е здив на духовниот живот во душата. Давањето на Духот е давање на Христовиот живот. Тој го исполнува примачот со Христови особини. Само оние што се така поучени од Бога, во кои дејствува Светиот Дух и во чијшто живот се покажува Христовиот живот, треба да стојат како претставници пред луѓето и да служат за добро на Црквата.

„На кои ќе им ги простите гревовите“, рекол Христос, „простени им се; на кои ќе им ги задржите, задржани им се.“ Христос овде не му дава никаква слобода на ниеден човек да изрекува суд над другите. Во беседата на гората Тој го забранил тоа. Тоа право му припаѓа само на Бога. Меѓутоа, на организираната Црква Тој ѝ дава одговорност за секој верник. Оние што ќе паднат во грев, Црквата е должна да ги опоменува, да ги поучува и, ако е можно, да ги обновува. „Укорувај, предупредувај, охрабрувај“, кажува Господ, „со големо трпение и поука“ (2. Тимотеј 4,2). Постапувај верно со оние што грешат. Опоменувај секоја душа која е во опасност. Не дозволи никој да се лаже самиот себеси. Гревот наречи го со неговото вистинско име. Објави што рекол Господ за лажењето, за кршењето на саботата, за кражбата, за идолопоклонството и за секое друго зло. „Оние што прават такви работи нема да го наследат царството Божје“ (Галатите 5,21). Ако упорно останат во гревот, осудата што сте им ја изнеле од Божјата реч Небото ќе ја прогласи над нив. Определувајќи се за гревот, тие се откажуваат од Христа. Црквата мора да покаже дека не ги одобрува нивните дела или и самата ќе го обесчести својот Господ. Таа за гревот мора да каже што зборува Бог за него. Таа со нив мора да постапи според Божјето упатство и нејзиното дејствување ќе биде потврдено на Небото. Оној што го презира авторитетот на Црквата, го презира и директно Христовиот авторитет.

Меѓутоа, постои и посветла страна на сликата. „На кои ќе им ги простите гревовите, простени им се.“ Оваа мисла секогаш нека ни биде на ум. Во работата за заблудените секое око нека биде насочено кон Христа. Пастирите нежно нека се грижат за стадото на Господовото пасиште. На оние што грешат нека им зборуваат за милоста на Спасителот која проштава. Нека го храбрат грешникот да се покае и да верува во Оној што може да прости. Врз основа на Божјата реч нека изјават: „Ако ги признаеме нашите гревови, Тој е верен и праведен ќе ни ги прости гревовите и ќе нè исчисти од секоја неправда“ (1. Јованово 1,9).

Сите што ќе се покаат имаат цврсто ветување: „Тој пак ќе ни се смилува, под нозе ќе ги стави нашите беззаконија. Сите наши гревови ти ќе ги фрлиш во длабините морски“ (Михеј 7,19).

Црквата со благодарно срце нека го прими покајанието на грешниците. Оној што се кае нека се изведе од мракот на неверството во светлината на верата и правдата. Неговата треперлива рака нека се стави во раката на Исусовата љубов. Таквото проштавање го потврдува Небото.

Само во оваа смисла Црквата има власт да му проштава на грешникот. Проштавање на гревот може да се добие само со Христовите заслуги. На ниеден човек, на ниедна група луѓе, не им е дадена власт да ја ослободат душата од вината. Христос ги задолжил своите ученици на сите народи да им проповедаат проштавање на гревот во негово име, но самите тие не биле овластени да отстранат ниту една дамка на гревот. Исусовото име е единствено, „и нема спасение во ниеден друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да се спасиме“ (Дела 4,12). (продолжува)

Pin It on Pinterest