(продолжува од претходниот ден) Кога Исус првпат се сретнал со учениците во Горната соба, Тома не бил со нив. Тој ја чул веста од другите и добил мноштво докази дека Исус станал, но неговото срце било столчено и исполнето со неверство. Кога слушнал како учениците зборуваат за восхитувачкото јавување на воскреснатиот Спасител, тоа само го фрлило во уште подлабок очај. Ако Исус навистина станал од мртвите, тогаш не може да има повеќе надеж во вистинско земно царство. А и помислата дека неговиот Учител им се јавил на сите ученици освен нему, ја навредувала неговата суета. Решил да не верува и цела седмица го мачела потиштеност која се чинела сè помрачна наспроти надежта и верата на неговите браќа.
За сето ова време постојано изјавувал: „Додека не ги видам раните од клинците на неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака меѓу неговите ребра, нема да поверувам.“ Не сакал да гледа со очите на своите браќа или да покаже вера што би зависела од нивното сведоштво. Сесрдно го сакал својот Господ, но дозволил со неговиот ум и срце да завладеат љубомора и неверство.
Извесен број ученици од познатата Горна соба направиле свој привремен дом и навечер сите, освен Тома, се собирале тука. Една вечер Тома решил да се состане со другите. И покрај своето неверство, имал неодредена надеж дека тие добри вести се вистинити. Додека вечеравале, учениците раскажувале за доказите што им ги изнел Христос од пророштвата. „Додека вратата беше затворена, дојде Исус, застана сред нив и рече: ‘Мир вам!’“
Свртувајќи се кон Тома, рекол: „Дај го твојот прст ваму и види ми ги рацете, и дај ја твојата рака и стави ја во моите ребра, и не биди неверен туку верен!“ Овие зборови покажуваат дека Тој ги познавал мислите и зборовите на Тома. Сомничавиот ученик знаел дека ниеден од неговите другари не го видел Исуса една седмица. Не можеле да му раскажат на Учителот за неговото неверување. Во Оној што стоел пред него го препознал својот Господ. Не сакал никакви натамошни докази. Срцето се обидувало да му изрипа од радост па се фрлил пред Исусовите нозе со извикот: „Господ мој и Бог мој!“
Исус го прифатил неговото признавање, но нежно го укорил неговото неверување: „Поверува бидејќи ме виде. Блазе на оние кои не виделе а веруваат.“ Верата на Тома на Христа би му била многу помила кога тој би бил готов да поверува во сведоштвото на своите браќа. Кога светот сега би го следел примерот на Тома, никој не би верувал во спасението, зашто сите што ќе го примат Христа мора да го сторат тоа врз основа на сведоштвата на други.
Мнозина што се сомневаат се правдаат тврдејќи дека би верувале кога би имале таков доказ каков што имал Тома од своите другари. Тие не сфаќаат дека имаат многу повеќе од еден таков доказ. Мнозина кои како Тома чекаат да се отстранат сите причини за сомневање, нема никогаш да ја остварат својата желба. Постепено се зацврстуваат во неверството. Оние што се воспитуваат да ја набљудуваат мрачната страна, да мрморат и да се жалат, не знаат што прават. Тие сеат семе на сомневање и ќе мораат да ја жнеат жетвата на сомневањето. Во времето кога верата и довербата се најнеопходни, мнозина ќе се најдат немоќни да се надеваат и да веруваат.
Со своето постапување со Тома, Исус им дал поука на своите следбеници. Тој пример покажува како треба да постапуваме со оние чијашто вера е слаба и кои покажуваат сомневање. Исус не го засипал Тома со прекори ниту стапил во расправии со него. Сам му се открил нему кој се сомневал. Тома бил мошне неразумен кога ги одредувал условите на својата вера, но Исус, со својата великодушна љубов и обѕир, ги урнал сите пречки. Неверувањето ретко се победува со препирање. Тогаш тоа преминува во самоодбрана, наоѓајќи нови причини да се оправда. Но нека се открие Исус во својата љубов и милост како распнат Спасител, па од многу усни, што се противеле, ќе се чуе признавањето на Тома: „Господ мој и Бог мој!“