(продолжува од претходниот ден) Исус му заповедал на човекот да не го објавува стореното дело туку веднаш да се покаже во храмот со жртва. Ваквата жртва не можела да биде примена сè додека свештениците не го прегледаат човекот и не го прогласат за потполно излечен од болеста. Иако без волја ја извршиле оваа должност, не можеле да го избегнат прегледот и да донесат одлука за овој случај. Зборовите на Писмото покажуваат со каква решителност Христос му наложил на човекот да молчи и брзо да дејствува. „Внимавај, немој никому да му го кажуваш тоа. Туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот што го пропиша Мојсеј ним за сведоштво.“ Кога свештениците би биле запознати со фактите за исцелувањето на лепрозниот, нивната омраза кон Христа би можела да ги наведе да донесат нечесна одлука. Исус сакал човекот да се покаже во храмот пред какви било гласови за ова чудо да допрат до нив. Така можела да се обезбеди праведна одлука и на исцелениот лепрозен да му се дозволи да се врати во своето семејство и кај пријателите.

Постоеле и други цели што ги имал Христос предвид кога му препорачал на човекот да молчи. Спасителот знаел дека неговите непријатели постојано сакале да ја ограничат неговата работа и да го одвратат народот од него. Знаел дека ако се разгласи исцелувањето на лепрозниот низ околината тоа би ги навело другите болни од оваа страшна болест да се собираат околу него и дека со тоа би се подигнало обвинение како луѓето ќе се заразат во допир со нив. Мнозина од лепрозните дарот на здравјето не би го сториле благослов за себе и за другите. Со собирањето на лепрозните би дал можност за обвинување дека ги крши ограничувањата на обредниот закон. На тој начин неговото дело проповедањето на евангелието би било спречено.

Настанот ја оправдал Христовата претпазливост. Многу луѓе биле сведоци на исцелувањето на лепрозниот и со желба очекувале да ја дознаат одлуката на свештениците. Кога човекот се вратил кај своите пријатели, настанала голема возбуда. Наспроти Исусовото предупредување, човекот не вложил никаков напор да го притаи фактот за своето исцелување. Иако навистина не било можно да се скрие, лепрозниот сепак го објавувал насекаде. Сметајќи дека ова ограничување му го ставила само Исусовата скромност, одел наоколу објавувајќи ја моќта на овој голем Исцелител. Не сфаќал дека секое такво објавување свештениците и старешините ги прави порешителни да го уништат Исуса. Исцелениот почувствувал дека благодатта на здравјето е мошне драгоцена. Се радувал за својата полна сила, за враќањето во семејството и во општеството и чувствувал дека не е можно да се воздржи од давање на слава на Лекарот што го исцелил.

Меѓутоа, разгласувањето на овој настан предизвикало пречки во делото на Спасителот. Тоа ги поттикнало луѓето да се собираат околу него во преголем број, што го присилило за извесно време да ја прекине работата.

Секој чин на Христовата служба имал далекусежна цел. Тој содржел многу повеќе отколку што покажувало самото дело. Така тоа било и во случајот со лепрозниот. Додека им служел на сите што доаѓале кај него, Исус копнеел да ги благослови и оние што не му доаѓале. Додека ги привлекувал цариниците, незнабошците и Самарјаните, копнеел да допре до свештениците и учителите кои биле затворени со предрасуди и со преданија. Сторил сè да допре до нив. Праќајќи го исцелениот лепрозен кај свештениците, им дал сведоштво смислено да ги разоружи нивните предрасуди.

Фарисеите тврделе дека Христовото учење било спротивно на законот што го дал Бог преку Мојсеја, но неговото упатство дадено на исцелениот лепрозен да принесе дар според законот го негирало ова обвинување. Тоа било доволно сведоштво за сите што биле подготвени да бидат осведочени.

Водачите во Ерусалим пратиле шпиони да најдат некој повод за да го осудат Христа на смрт. Им одговорил со доказ за својата љубов кон човечкиот род, со почитание кон законот и со својата сила да ослободува од гревот и од смртта. На овој начин им давал сведоштво. „Ми враќаат зло за добро, омраза за мојата љубов“ (Псалм 109,5). Тој, кој на гората го дал правилото: „Љубете ги своите непријатели“, и самиот со пример го потврдил тоа начело, не враќајќи „зло за зло, ни пцост за пцост“ туку благословувал (Матеј 5,44; 1. Петрово 3,9). (продолжува)

Pin It on Pinterest