(продолжува од претходниот ден) Истите свештеници што го осудиле лепрозниот на прогонство, го потврдиле неговото исцелување. Оваа одлука, јавно искажана и забележана, била трајно сведоштво за Христа. А кога исцелениот човек повторно се вратил во собирот Израелов, откако свештениците лично утврдиле дека кај него нема повеќе ниту трага од болеста, тој станал жив сведок за својот Добро чинител. Радосно ја принел својата жртва и го величел Исусовото име. Свештениците биле осведочени во божествената сила на Спасителот. Дадена им е можност да ја запознаат вистината и да ја искористат светлината. Отфрлена, таа би поминала за никогаш да не се врати. Светлината е отфрлена од мнозина, но сепак, не е напразно дадена. Многу срца биле поттикнати што во одреден период не покажувале никаков знак. Во текот на животот на Спасителот изгледало дека неговата мисија предизвикува мал одѕив на љубовта кај свештениците и учителите, но по неговото вознесение „многу свештеници ја прифатија верата“ (Дела 6,7).

Христовото исчистувањето на овој лепрозен од страшната болест е слика на неговото исчистување на душата од гревот. Човекот што дошол кај Исуса бил „сиот лепрозен“. Нејзиниот смртоносен отров го проникнал целото негово тело. Учениците сакале да го спречат својот Учител да го допре, зашто оној што ќе допре лепрозен и самиот станува нечист. Меѓутоа, со полагањето на своите раце врз лепрозниот Исус не се осквернил. Неговиот допир пренел животодавна сила. Лепрозниот се исчистил. Истото се случува и со лепрата на гревот, длабоко вкоренета, смртоносна, што не е можно да се исцели со човечка сила. „Сета глава е болна, срцето изнемоштено; од глава до петици никаде здраво место, туку повреди, модрици и гнојливи рани“ (Исаија 1,5.6). Но, доаѓајќи да живее среде човечкиот род, Христос не се осквернил. Неговото присуство има исцелувачка моќ за грешникот. Секој што ќе падне пред неговите нозе барајќи со вера: „Господе, ако сакаш, можеш да ме исчистиш!“, ќе чуе одговор: „Сакам, исчисти се“ (Матеј 8,2.3).

Во некои случаи на исцелување Исус не го подарил веднаш бараниот благослов. Меѓутоа, во случајот на лепрата искажаната молба веднаш е исполнета. Кога се молиме за земни благослови, одговорот на нашата молитва можеби ќе биде одложен или Бог може да ни даде нешто друго што не сме го барале, но така не е кога бараме ослободување од гревот. Негова волја е да нè исчисти од гревот, да нè стори свои деца и да нè оспособи да живееме свет живот. Христос „се даде себеси за нашите гревови да нè избави од сегашниот расипан свет, според волјата на нашиот Бог­Отец“ (Галатите 1,4). „Ние сме сигурни во него, зашто ги прими нашите молитви кога бараме нешто што е по негова волја“ (1. Јованово 5,14.15). „Ако ги признаеме нашите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нè исчисти од секоја неправда“ (1. Јованово 1,9).

Со исцелувањето на фатениот во Капернаум Исус пак дал поука за истата вистина. Чудото е сторено за да се открие неговата сила да ги проштава гревовите. Исцелувањето на фатениот исто така сликовито ги прикажува и другите драгоцени вистини. Тоа е полно со надеж и охрабрување, а за дребничавите фарисеи тоа е поука и опомена.

Овој фатен, како и лепрозниот, загубил секоја надеж дека ќе оздрави. Неговата болест била последица на грешниот живот, а неговите страдања биле загорчени и од грижата на совеста. Одамна им се обраќал на фарисеите и на учените луѓе со надеж дека ќе ги ублажи умните страдања и телесната болка. Меѓутоа, тие студено го прогласиле за неизлечлив и го препуштиле на Божјиот гнев. Фарисеите страдањата ги сметале за доказ на божественото незадоволство и се држеле подалеку од болните и страдалниците. Но често овие што себеси се извишувале како свети, биле многу погрешни од изнамачените што ги осудувале.

Фатениот човек бил наполно беспомошен и, гледајќи дека нема изглед за помош од никаде, паднал во очај. Тогаш слушнал за Исусовите величествени дела. Му кажале дека други што биле исто така грешни и беспомошни како него, се излечени; дури и лепрозните се исчистиле. Пријателите што му го пренеле ова го охрабриле да верува дека и тој може да биде излечен ако биде однесен кај Исуса. Меѓутоа, неговата надеж се поколебала кога се сетил како дошла болеста кај него. Се плашел дека безгрешниот Лекар нема да го поднесе во свое присуство.

Сепак, не сакал толку телесно исцелување колку ослободување од товарот на гревот. Кога би можел да го види Исуса и да добие цврсто ветување за проштавање и за помирување со Небото, би бил задоволен да живее или да умре, сообразно со Божјата волја. Извикот на смртникот гласел: „О кога би можел да дојдам пред Него!“ Немало време за губење; неговото веќе упропастено тело покажувало знаци на распаѓање. Ги преколнувал своите пријатели на постела да го однесат кај Исуса и тие со радост прифатиле да го сторат тоа. Но мноштвото што се собрало во куќата во која се наоѓал Спасителот било толку збиено, што болниот и неговите пријатели не можеле да допрат до него, па дури ни да го чујат неговиот глас. (продолжува)

Pin It on Pinterest