(продолжува од предходниот ден) Славата на Божјето присуство го напуштила Светилиштето, но во Детето од Витлеем била засолнета славата пред која се клањаат ангелите. Ова несвесно Дете било ветениот Потомок на кого укажувал првиот олтар подигнат пред вратата на Едем. Тоа бил Месија, Кнезот на мирот. Тоа бил Оној кој му се објавил на Мојсеја: ЈАС СУМ. Тоа бил Оној кој во столбот од облак и оган му бил водач на Израел. Тоа бил Оној за кого уште во старо време пророкувале пророците. Тој бил копнежот на сите народи, коренот и фиданот на Давида и сјајната ѕвезда Деница. Името на ова беспомошно Дете, запишано во книгата на Израел, со што бил прогласен за наш брат, било надеж за паднатиот човечки род. Детето, за кое е платен откуп, било Оној што ќе го плати откупот за гревовите на целиот свет. Тој бил вистинскиот Првосвештеник „над Божјиот дом“, Поглаварот кој „има вечно свештенство“, Посредникот „од десната страна на небесното Величество“ (Евреите 10,21; 7,24; 1,3).

Духовното треба духовно да „се разгледа“. Божјиот Син е посветен во храмот за задачата што дошол да ја изврши. Свештеникот го посматрал како што посматрал секое друго дете. Меѓутоа, иако не видел ниту чувствувал нешто необично, Божјиот чин во дарувањето на својот Син на светот бил препознат. Оваа прилика не поминала, а некој сепак да не го препознае Христа. „А во Ерусалим живееше човек по име Симеон. Тој човек беше праведен и побожен, кој ја очекуваше утехата Израелова, а Светиот Дух беше над него. Нему Светиот Дух му кажал дека нема да види смрт додека не го види Господовиот Помазаник“.

Кога Симеон влегол во храмот, видел семејство како прикажува дете пред свештеникот. Нивната надворешност кажувала дека тие се сиромашни, но Симеон го сфатил водството на Духот и бил длабоко осведочен дека Детето што е прикажано пред Господа е утехата Израелова, Оној што сакал да го види. На зачудениот свештеник Симеон му изгледал како занесен човек. Детето ѝ е вратено на Марија, а тој го зема на раце за да го прикаже пред Господа, додека неговата душа ја исполнува радост каква што до тогаш никогаш не почувствувал. Додека го подигнувал малечкиот Спасител кон небото, рекол: „Сега, Господе, го отпушташ својот слуга во мир, според твојот збор, зашто моите очи го видоа твоето спасение, кое го приготви пред лицето на сите луѓе, светлина за откровение на народите и слава на твојот народ, Израел“.

Врз овој Божји човек почивал пророчки дух, и додека Јосиф и Марија стоеле тука крај него, чудејќи се на неговите зборови, тој ги благословил и ѝ рекол на Марија: „Еве, Овој е определен да собори и да подигне мнозина во Израел и е знак против кого ќе се говори. А и тебе меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“
Исто така влегла и пророчицата Ана, потврдувајќи го сведоштвото на Симеона за Христа. Додека Симеон зборувал, нејзиното лице било озарено со Божја слава и таа ја излевала благодарноста што ја чувствувала во срцето затоа што ѝ било дозволено да го види Господовиот Христос.

Овие понизни почитатели на Бога не ги проучувале пророштвата напразно. Меѓутоа, оние што заземале положби на владетели и свештеници во Израел, иако пред себе ја имале драгоцената порака на пророштвата, не го следеле Господовиот пат и нивните очи не биле отворени да ја видат Светлината на животот.

Така е и денеска. Верските водачи, и оние што служат во Божјиот дом, често не ги разликуваат настаните кон кои е насочено вниманието на целото небо, и тие незабележано поминуваат. Луѓето го признаваат историскиот Христос, но му го вртат грбот на живиот Христос. Христос во својата Реч повикува на самопожртвуваност. Исто така упатува повик преку страдалниците кои бараат помош и преку праведните кои се упатени на сиромаштво, на труд и понижување. Но Тој воопшто денеска не е прифатен со поголемо одушевување отколку пред осумнаесет векови.

Марија размислувала за отвореното и далекусежно пророштво на Симеона. Додека го гледала Детето во своите прегратки и си спомнувала за зборовите што ги изговориле витлеемските пастири, била исполнета со радост, со благодарност и со блескава надеж. Зборовите на Симеона ја потсетиле на пророчкото кажување на Исаија: „Ќе израсне фиданка од пенот на Есеја, ќе никне изданок од неговиот корен. На него ќе почива Дух Господен, Дух на мудрост и разум, Дух на совет и сила, Дух на знаење и на страв Господен… Тој крстот ќе го опаше со правда и слабините со верност“. „Народот кој одеше во темнина виде силна светлина; на оние што живееја во мрачна земја им изгреа светлина… Зашто ни се роди дете, добивме син; на рамената има власт. Името му е: Красен, Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 11,1­5; 9,2­6). (продолжува)

Pin It on Pinterest