(продолжува од претходниот ден) Првите четири од Десетте заповеди концизно се изнесени во една голема заповед: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце.“ Другите шест се содржат во втората: „Љуби го својот ближен како себеси.“ Обете овие заповеди претставуваат израз на начелото на љубовта. Првата не може да се држи а втората да се крши, ниту може втората да се држи додека првата се крши. Кога Бог има свое вистинско место на престолот на срцето, вистинско место ќе добие и нашиот ближен. Ние ќе го сакаме како самите себеси. И само ако го љубиме Бога над сè, можно е непристрасно да го сакаме и нашиот ближен.

Бидејќи сите заповеди концизно се опфатени со љубовта кон Бога и кон човекот, тоа значи дека не може да се прекрши ниедна заповед без кршење на ова начело. Така Христос ги учел своите слушатели дека Божјиот закон не е составен од многу посебни заповеди, од кои некои имаат поголемо значење, а другите помалечка важност па можат да се омаловажуваат без казнување. Нашиот Господ првите четири и другите шест заповеди ги претставува како божествена целина и учи дека љубовта кон Бога ќе се покаже во послушноста кон сите негови заповеди.

Законикот што му го поставил прашањето на Исуса добро го познавал законот и бил восхитен од Исусовите зборови. Не очекувал Тој да покаже толку длабоко и темелно познавање на Писмото. Стекнал пошироко разбирање за начелата што се наоѓаат во основата на овие свети заповеди. Пред собраните свештеници и поглавари чесно признал дека Христос дал вистинско толкување на законот, велејќи: „Точно, Учителе! Ја кажа вистината дека Бог е еден, и нема друг освен него, и да го љубиш него со сето срце, со сиот разум и со сета сила и да го љубиш ближниот како себеси тоа е многу повеќе од сите жртви паленици и приноси.“

Мудроста на Христовиот одговор го осведочила законикот. Тој знаел дека еврејската вера се состоела од надворешни обреди, а не од внатрешна побожност. Чувствувал дека само обредните жртви и пролевањето на крвта за откуп на гревовите, што се вршело без вера, се безвредносни. Љубовта и послушноста кон Бога и несебичниот обѕир кон човекот му изгледале повредни од сите овие обреди. Подготвеноста на овој човек да ја признае исправноста на Христовото расудување и неговиот решителен и брз одговор пред народот покажале дух што бил сосема поинаков од духот на свештениците и поглаварите. Исус во своето срце чувствувал сожалување кон овој искрен законик кој се осмелил да се соочи со неодобрувањето на свештениците и со заканите на поглаварите и отворено да го изнесе уверувањето на своето срце. „А кога Исус виде дека одговори разумно, му рече: ‘Не си далеку од Божјето царство.’“

Законикот бил близу до Божјето царство затоа што признал дека праведните дела се поприфатливи за Бога од жртвите паленици и од другите прилози. Меѓутоа, било потребно да го препознае Христовиот божествен карактер и со вера во него да прими сила да прави праведни дела. Обредната служба немала никаква вредност ако не е поврзана со жива вера во Христа. Дури и моралниот закон не ја исполнува својата цел додека не се сфати во неговата поврзаност со Спасителот. Христос во повеќе наврати покажал дека законот на неговиот Отец има подлабока содржина од самите авторитативни наредби. Во законот е олицетворено истото начело што е откриено во евангелието. Законот укажува на човековата должност и му ја покажува неговата вина. Тој од Христа мора да бара проштавање и сила за да го прави она што го наложува законот.

Додека Исус одговарал на прашањето на законикот, околу него се собрале фарисеите. Сега, пак, Тој ним им поставил прашање: „Што мислите за Христа? Чиј син е Тој?“ Ова прашање било смислено да го испита нивното верување во врска со Месија да покаже дали го сметаат само за човек или за Божји Син. Одговориле во хор: „Давидов.“ Тоа било името што му го дало пророштвото на Месија. Кога Исус ја открил својата божествена природа со своите силни чуда, кога ги лекувал болните и ги подигнувал мртвите, народот се прашувал меѓу себе: „Нели е тоа Синот Давидов?“ Сирофеничанката, слепиот Вартимеј и многу други, барале од него помош: „Смилувај ми се, Господе, Сине Давидов!“ (Матеј 15,22). Додека влегувал во Ерусалим јавајќи на магаре, бил поздравен со радосни извици: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е Тој кој доаѓа во Господово име!“ (Матеј 21,9). Овој радосен извик се орел во храмот и од грлата на малечките деца. Меѓутоа, мнозина, кои Исуса го нарекувале син Давидов, не го признавале неговото божество. Тие не разбрале дека Давидовиот Син е и Божји Син.

Одговарајќи на тврдењето дека Христос е Давидов Син, Исус рекол: „Тогаш како Давид, преку Духот, го нарекува Господ, кога вели: ‘Му рече Господ на мојот Господ: Седни од мојата десна страна, додека не ги соборам твоите непријатели под нозете твои.’ И така, ако Давид го нарекува ‘Господ’, како може Тој да му биде Син? И никој не можеше да му одговори ниту збор, ниту пак некој се осмели од тој ден да го праша нешто.“

Pin It on Pinterest