(продолжува од претходниот ден) Никогаш, ниту со збор ниту со дело, Исус не ја намалил обврската на човекот да му дава дарови и приноси на Бога. Христос бил тој што ги давал сите упатстава на законот за десетокот и приносот. Кога бил на земјата, ја пофалил онаа сиромашна жена која приложила сè што имала во сандачето на храмот. Меѓутоа, со привидната ревност за Бога, свештениците и рабините создале изговор со кој ја прикривале сопствената желба за самоизвишување. Го измамувале народот. Му натовариле тешки бремиња што Бог не ги наметнал. Дури ни Христовите ученици не биле наполно ослободени од јаремот што им е наметнат со наследените предрасуди и со власта на рабините. Сега, со обелоденувањето на вистинскиот рабински дух, Исус се стремел да ги ослободи од робувањето на преданијата сите што вистински сакале да му служат на Бога.

„Лицемери“, рекол Тој, обрнувајќи им се на лукавите шпиони, „Исаија добро пророкуваше за вас, велејќи: ‘Овој народ ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од мене. Попусто ми се поклонуваат, изнесувајќи учења кои се човечки повелби.’“ Христовите зборови биле обвинување против целокупниот фарисејски систем. Изјавил дека со поставувањето на своите барања над божествените правила, рабините се ставаат себеси над Бога.

Пратениците од Ерусалим биле исполнети со бес. Не можеле да го обвинат Христа како прекршител на законот од Синај, зашто зборувал како негов бранител против нивното предание. Големите правила на законот, што ги изнесувал Тој, биле во уочлива спротивност со дребничавите правила што ги измислиле луѓето.

Исус му објаснил на мноштвото, а потоа многу поисцрпно на своите ученици, дека сквернавењето не доаѓа однадвор, туку однатре. Чистотата и нечистотата се во врска со душата. Човекот го поганат лошите дела, лошите зборови, лошите мисли, прекршувањето на Божјиот закон, а не занемарувањето на надворешните обреди што ги воспоставил човекот.

Учениците го забележале бесот на шпионите кога било разобличено нивното лажно учење. Ги виделе намрштените погледи и ги слушале нивните полугласни зборови на незадоволство и одмазда. Заборавајќи колку често Исус покажал дека го чита срцето како отворена книга, му зборувале за влијанието на неговите зборови. Надевајќи се дека Тој ќе може да ги одоброволи разбеснетите пратеници, му рекле на Исуса: „Знаеш ли дека фарисеите се соблазнија кога ги слушнаа тие зборови?“

Тој одговорил: „Ќе се искорне секое дрво што не го посадил мојот Отец.“ Обичаите и преданијата што рабините ги вреднувале толку високо биле земни, а не небесни. Иако кај народот уживале голем углед, тие не можеле да ја издржат Божјата проверка. Секој човечки изум што ги заменил Божјите заповеди ќе се покаже безвреден во оној ден кога „Бог ќе ги изнесе на судот сите скриени дела, било добри или лоши“ (Проповедник 12,14).

Заменувањето на Божјите заповеди со човечки правила не престанало. Дури и меѓу христијаните се наоѓаат одредби и обичаи што немаат подобра основа од преданието на татковците. Таквите одредби, што почиваат само врз човечки авторитет, ги истиснале оние што ги воспоставил Бог. Луѓето цврсто се држат за своето предание, ги почитуваат своите обичаи и негуваат омраза кон оние што сакаат да им укажат на нивната грешка. Денеска, кога ни се наложува да го насочиме вниманието кон Божјите заповеди и кон верата Исусова, го гледаме истото непријателство што се покажало и во Христовите денови. За остатокот на Божјиот народ стои напишано: „Тогаш се разгневи ламјата на жената и отиде да војува против останатите од нејзиното потомство, против оние кои ги пазат Божјите заповеди и имаат Исусово сведоштво“ (Откровение 12,17).

Туку „ќе се искорне секое дрво што не го посадил мојот Отец“. Наместо власта на таканаречените црковни отци, Бог ни заповеда да ја прифатиме Речта на вечниот Отец, на господарот на небото и земјата. Само во неа се наоѓа вистината што не е помешана со заблуда. Давид рекол: „Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за твоите сведоштва. Поразумен сум и од старците, зашто внимавам на твоите заповеди“ (Псалм 119,99.100). Сите што прифаќаат човечки авторитет, црковните обичаи или преданијата на татковците, нека ги послушаат Христовите зборови: „Напразно ме почитуваат, кога проповедаат учења кои се всушност човечки заповеди.“

Pin It on Pinterest