Закониците и фарисеите, очекувајќи да го видат Исуса на Пасха, му приготвиле стапица. Меѓутоа, Исус, знаејќи ја нивната намера, изостанал од овој собир.

„Се собраа околу Исуса фарисеи и некои законици.“ Бидејќи не отишол кај нив Тој, кај него дошле тие. Во еден миг се чинело дека народот на Галилеја ќе го прифати Исуса како Месија и дека моќта на свештениците во таа област ќе биде скршена. Мисијата на дванаесеттемина која укажувала на продолжување на Христовата работа, и која учениците ги доведувала уште понепосредно во судир со рабините, одново предизвикала љубомора кај водачите во Ерусалим. Шпионите кои на почетокот на неговата служба се пратени во Капернаум и кои се обиделе да му припишат вина поради кршење на саботата, биле доведени во забуна, но рабините биле решени да ја спроведат својата намера. Сега пратиле други пратеници да демнат над неговото движење и да пронајдат некое обвинување против него.

Како и порано, причина за негово обвинување било неговото непочитување на обредните преданија што го опто варувале Божјиот закон. Обредните преданија биле одредени да помогнат при држењето на законот, но нив ги сметале за посвети дури и од законот. Кога доаѓале во судир со заповедите дадени на Синај, предимство им се давало на рабинските одредби.

Меѓу прописите најревно се применувал оној за обредно чистење. Занемарувањето на формите што требало да се почитуваат пред јадење се сметало за страшен грев што ќе биде казнет и на овој и на оној свет, па затоа уништувањето на престапниците се сметало за добродетел.

Постоеле безброј правила за чистење. Цел живот на човекот одвај би бил доволен сите да ги научи. Животот на оние што се обидувале да се придржуваат кон рабинските барања бил долга борба против обредната нечистотија и бескрај на низа на миење и чистење. Додека луѓето биле окупирани со безначајни ситници и правила што не ги барал Бог, нивното внимание било одвратено од големите начела на неговиот закон.

Христос и неговите ученици не ги почитувале овие обредни миења и шпионите ова занемарување го искористиле како основа да го обвинат. Тие не извршиле непосреден напад врз Христа, туку дошле кај него критикувајќи ги неговите ученици. Во присуство на мноштвото рекле: „Зошто твоите ученици не живеат според традицијата на старите, туку јадат леб со неизмиени раце?“

Секогаш кога веста на вистината ќе допре до душите со посебна сила, сатаната ги раздвижува своите претставници да почнат расправии околу некои безначајни прашања. Така тој се обидува да го сврти вниманието од вистинскиот предмет. Секогаш кога ќе почне некое добро дело, постојат ситничари кои се готови да расправаат за формата или за техничките прашања за да ги одвратат мислите од живата вистина. Кога се чини дека Бог на посебен начин работи за својот народ, тој нека не дозволи да биде вовлечен во расправии кои само ќе ги упропастат душите. Прашањата што имаат најголемо значење за нас гласат: Дали верувам во Божјиот Син со вера што спасува? Дали мојот живот е сообразен со божествениот закон? „Кој верува во Синот, има живот вечен, а кој не верува во Синот, нема да види живот.“ „По тоа знаеме дека го познаваме ако ги држиме неговите заповеди“ (Јован 3,36; 1. Јова­ ново 2,3).

Исус воопшто не се обидел да се одбрани себеси или своите ученици. Тој не се повикувал на обвинувањата против себе, туку и понатаму го откривал духот што ги поттикнал овие поборници на човечките обреди. Тој им дал пример за нивното секојдневно постапување, за она што го сториле непосредно пред да дојдат кај него. „На убав начин вие ја укинувате Божјата заповед за да ја зачувате вашата традиција. Имено, Мојсеј рече: ‘Почитувај ги татка си и мајка си! И кој ќе го навреди таткото и мајката, да биде казнет со смрт!’ А вие велите: ‘Ако некој им рече на својот татко или на својата мајка: Тоа со што требаше да ти помогнам тебе го дадов на курбан (жртва, наменета за Бога)’, веќе не го оставате да направи ништо за својот татко и за својата мајка.“ Тие ја укинале петтата заповед како да не е значајна, но биле мошне точни при спроведувањето на преданијата на своите старешини. Народот го учеле дека давањето на имотот во храмот е многу посвета должност дури и од помагањето на родителите; дека, колку и да била голема потребата, светогрдие е да им се даде на таткото и мајката кој било дел од она што на тој начин е посветено. Било доволно еден немарен потомок да го изговори над својот имот зборот „курбан“, со што истиот му го посветувал на Бога и, иако потоа можел да го задржи во текот на целиот свој живот за своите потреби, по неговата смрт имотот бил пренесуван во служба на храмот. На тој начин бил ослободен од почитување на своите родители и за време на нивниот живот и за време на нивната смрт, мамејќи ги под плаштот на лажна посветеност на Бога. (продолжува)

Pin It on Pinterest