„Исус повторно им проговори: ‘Јас сум светлина на светот. Оној што ме следи мене, сигурно нема да оди во темнина, туку ќе има светлина што води во живот.’“

Кога ги изговорил овие зборови во предворјето на храмот, Исус посебно бил поврзан со службите за празникот Сеници. Во средината на ова предворје се издигнувале два високи столба со големи стативи за светилки. По вечерната жртва се палеле сите светилки што ја ширеле својата светлина над Ерусалим. Овој обред ги потсетувал на столбот од оган што го водел Израел низ пустината, а покрај тоа се сметало дека укажувал и на доаѓањето на Месија. Навечер, кога светилките се запалувале, предворјето било сцена на голема радост. Седи луѓе, свештениците во храмот и народните поглавари, се соединувале во празничните игри со звуци на музички инструменти и со песни на Левитите.

Со осветлувањето на Ерусалим народот ја изразувал својата надеж дека доаѓањето на Месија ќе го осветли Израел. Меѓутоа, за Исуса оваа сцена имала пошироко значење. Како сјајните светилки во храмот што осветлувале сè околу себе, така и Христос, изворот на духовната светлина, ја осветлува темнината на светот. Сепак, овој симбол бил несовршен. Големото видело што го поставил Тој со своја рака на небото било поверна претстава за славата на неговата мисија.

Било утро. Сонцето се раѓало над Маслинската гора и неговите зраци со заслепувачки сјај се разлевале по мермерните палати, осветлувајќи го златото на ѕидовите на храмот, па Исус, покажувајќи кон него, рекол: „Јас сум светлина на светот.“

За оној што ги слушал овие зборови, долго потоа како ехо се враќале во овој возвишен библиски текст: „Во него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето. А светлината свети во темнина, и темнината не ја обзеде.“ „Вистинската светлина, која го осветлува секој човек, доаѓаше на свет“ (Јован 1,4.5.9).

Долго по Исусовото вознесување на небото, пишувајќи просветлен со божествениот Дух, Петар исто така си спомнува за бележитостите што ги користел Христос: „Имаме сигурна пророчка Реч и вие добро правите што погледот го насочувате кон неа како во светилка што свети на темно место додека не осамне денот и не болсне ѕвездата Деница во вашите срца“ (2. Петрово 1,19).

Кога Бог му се јавува на својот народ, светлината секогаш е симбол на неговото присуство. Кога била изговорена творечката реч во почетокот, од темнината засветила светлина. Во столбот од облак дење и во столбот од оган ноќе била скриена светлина што ја водела огромната војска на Израел. Околу Господа на гората Синај светела светлина со страшна величественост. Над престолот на милоста во шаторот за состанок почивала светлина. Соломоновиот храм при неговото посветување го исполнувала светлина. Кога ангелите им ја донеле веста за откуп на пастирите кои будно стражареле, над витлеемските ритчиња засветила светлина.

Бог е светлина, и во зборовите „Јас сум светлина на светот“ Христос објавил дека е едно со Бога и дека е поврзан со целото човечко семејство. Тој на почетокот сторил „од темнината да засвети светлина“ (2. Коринќаните 4,6). Тој е светлина на Сонцето, на Месечината и на ѕвездите. Тој бил онаа духовна светлина која во симболот, во сликата и во пророштвото засветила над Израел. Меѓутоа, оваа светлина не му е дадена само на еврејскиот народ. Како сончевите зраци што допираат до најоддалечените катчиња на земјата, така и светлината на Сонцето на правдата осветлува секоја душа.

„Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, доаѓаше на свет.“ Светот имал свои големи учители, луѓе со џиновски ум и со восхитувачки истражувачки потфати, луѓе чии што изјави поттикнувале мисла и отворале поглед во бескрајните пространства на знаењето; овие луѓе се почитувани како водачи и доброчинители на човечкиот род. Меѓутоа, постои Еден кој е повозвишен од нив. „А на сите што го примија, им даде право да станат Божји деца.“ „Бога никој никогаш не го видел; единородниот Син кој е во прегратките на Отецот, тој го објави“ (Јован 1,12.18). Можеме да пронајдеме цела низа големи светски учители сè додека допираат извештаите за човечкиот род, но Светлината била пред нив. Како Месечината и ѕвездите од сончевиот систем што светат од сончевата светлина што се одбива, така доколку нивното учење е вистинито големите светски мислители ги одблеснуваат зраците на Сонцето на правдата. Секоја блескотна мисла, секој молскот на умот потекнува од Светлината на светот. Во денешно време многу слушаме за таканаречено „високо образование“. Вистинско „високо образование“ е она што го дава Тој, во кого се „скриени сите богатства на мудроста и знаењето“. „Во неа беше животот и животот им беше светлина на луѓето“ (Колошаните 2,3; Јован 1,4). „Оној што ме следи мене“, рекол Исус, „сигурно нема да оди во темнина, туку ќе има светлина што води во живот.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest