(продолжува од претходниот ден) За миг Исус ја набљудувал оваа сцена усрамената жртва што се тресела, достоинствениците со сурово лице, лишени дури и од човечко сожалување. Неговиот дух на беспрекорна чистота се згрозил од оваа сцена. Добро знаел со каква цел му е изнесен овој случај. Го читал срцето, го познавал карактерот и текот на животот на секого што се наоѓал пред него. Овие лажни чувари на правдата сами ја навеле својата жртва на грев за да можат да му постават стапица на Исуса. Не покажувајќи никаков знак дека го чул нивното прашање, се наведнал и, гледајќи во земјата, почнал да пишува по правот.

Нестрпливи поради неговото одложување и очигледната рамнодушност, тужителите пристапиле поблизу, свртувајќи го неговото внимание на овој предмет. Меѓутоа, кога нивните очи, следејќи ги Исусовите, погледнале на плочата крај неговите нозе, лицата им се измениле. Тука, пред нив, биле испишани сите тајни гревови на нивниот живот. Луѓето што го набљудувале тоа виделе ненадејна промена во изразот и се туркале напред да откријат што е тоа што го набљудуваат тие со толкава вчудовиденост и срам.

Со сите свои неискрени изјави за почитување на законот и изнесувајќи го обвинувањето против жената, овие рабини се оглушиле за неговите одредби. Нејзиниот маж бил должен да покрене постапка против неа, а и виновниците требало еднакво да се казнат. Постапката на тужителите била наполно не законита. Исус ги сретнал на нивна почва. Законот налагал во случај на казнување со каменување сведоците први да фрлат камен. Сега, исправувајќи се и насочувајќи го погледот кон старешините што го сковале овој заговор, Исус рекол: „Кој од вас е безгрешен, прв нека фрли камен на неа.“ И, наведнувајќи се, продолжил да пишува на земјата.

Не го отфрлил законот што е даден преку Мојсеја ниту ја погазил власта на Рим. Тужителите биле победени. Сега, со искинати облеки на лажна побожност, стоеле виновни и осудени во присуство на бесконечната Чистота. Се треселе плашејќи се да не се открие пред мноштвото скриената неправда на нивниот живот, па еден по еден, со наведени глави и со оборени очи, се искрале, оставајќи ја својата жртва со милостивиот Спасител.

Исус се исправил и, откако ја погледнал жената, рекол: „Жено, каде се другите? Ниеден ли не те осуди? ‘Ниеден, Господе!’ А Исус $ рече: ‘Ни јас не те осудувам. Оди си и отсега не греши веќе!’“

Жената стоела пред Исуса тресејќи се од страв. Неговите зборови: „Кој од вас е безгрешен, прв нека фрли камен на неа“ допреле до неа како смртна пресуда. Не се осмелувала да погледне во лицето на Спасителот, туку тивко ја чекала својата судбина. Вчудовидена, набљудувала како нејзините тужители без збор и усрамени си заминуваат, а потоа во најзините уши допреле силно надежните зборови: „Ни јас не те осудувам. Оди си и отсега не греши веќе.“ Нејзиното срце било трогнато и таа се фрлила пред Исусовите нозе, искажувајќи ја со липање својата благодарност и исповедајќи ги со горки солзи своите гревови.

Тоа за неа било почеток на нов живот, живот на чистота и мир, посветен на служба на Бога. Со подигнувањето на оваа падната душа Исус направил поголемо чудо отколку со лекувањето на најтешките телесни болести; Тој ја исцелил духовната болест што води во вечна смрт. Оваа жена што се покајала станала еден од неговите непоколебливи следбеници. На неговата милост што проштава таа возвратила со самопожртвува на љубов и преданост.

Во чинот на проштавањето на оваа жена и во охрабрувањето да живее подобар живот, Христовиот карактер свети со убавина на совршена правда. Иако не го прикрива гревот, ниту го намалува чувството на вината, Тој сепак не сака да осуди, туку да спаси. Светот за оваа заблудена жена имал само потсмев и презир, но Исус изговорил зборови на утеха и надеж. Безгрешниот имал сочувство кон слабостите на оваа грешница, па ѝ подал рака помошничка. Додека лицемерните фарисеи ја обвинувале, Исус ѝ заповедал: „Оди си и отсега не греши веќе!“

Христов следбеник не е оној што ги одвраќа очите од заблудените, оставајќи ги непречено да одат по патот што ги води сè пониско. Оние што предничат во осудувањето на другите, и што ревнуваат да ги доведат пред суд, често во својот живот се многу погрешни од нив. Луѓето го мразат грешникот, но го сакаат гревот. Исус го мрази гревот, но го сака грешникот. Таков дух ќе имаат сите што го следат. Христијанската љубов е бавна да осуди, брза да го забележи покајанието, готова да прости, да охрабри, оној што талка да го постави на патеката на светоста и да ги одржи неговите стапалки на неа.

Pin It on Pinterest