(продолжува од претходниот ден) Во старо време, кога некој цар патувал низ зафрлените делови на своето царство, група луѓе се упатувани пред царските кочии да ги израмнат стрмните места и да ги пополнат длабнатините за царот без никакви пречки да може безбедно да патува. Овој обичај го искористил пророкот за сликовито да го прикаже делото на евангелието. „Нека се издигнат сите долини и нека се спуштат сите брегови и гори.“ Божјиот Дух ја спушта човечката горделивост кога со својата чудесна сила што буди ќе ја допре душата. Тогаш световните задоволства, положбата и власта губат секаква вредност. „Мудрувањата и сè што се крева против познавањето на Бога“ се отфрла, а „плениме секоја мисла за послушност на Христа“ (2. Коринќаните 10,5). Тогаш понизноста и пожртвуваната љубов, толку малку ценети меѓу луѓето, се издигнуваат како единствена вредност. Тоа е дело на евангелието чијшто дел била веста на Јована.

Рабините продолжиле со своите прашања: „Тогаш зошто крштаваш кога навистина не си ни Христос, ни Илија, ни очекуваниот пророк?“ Зборот „пророк“ се однесувал на Мојсеја. Евреите биле склони да веруваат дека Мојсеј ќе воскресне и дека ќе биде земен на небото. Не знаеле дека тој веќе воскреснал. Кога Крстителот ја почнал својата служба, мнозина мислеле дека тој е пророкот Мојсеј подигнат од мртвите, зашто изгледало дека темелно ги познава пророштвата и историјата на Израел.

Исто така се верувало дека Илија лично ќе се појави пред доаѓањето на Месија. Ова очекување Јован го негирал, но неговите зборови имале длабока смисла. Подоцна, повикувајќи се на Јована, Исус рекол: „Ако сакате да прифатите, тој е Илија кој требаше да дојде“ (Матеј 11,14). Јован дошол во истиот дух и сила на Илија за да ја изврши истата задача што ја извршил Илија. Кога Евреите би го примиле, таа би била извршена за нив. Меѓутоа, не ја примиле неговата вест. За нив тој не бил Илија. Тој за нив не можел да ја исполни мисијата што дошол да ја исполни.

Мнозина од собраните на Јордан биле присутни при Исусовото крштавање, но знакот што се покажал тогаш им бил откриен само на неколкумина од нив. Во текот на претходните месеци на службата на Крстителот мнозина не сакале да го послушаат повикот на покајание. Така го стврднале своето срце и го затемниле своето разбирање.

При крштавањето, кога Небото посведочило за Исуса, тие тоа не го забележале. Очите што никогаш не биле со вера насочени кон него кој е невидлив, не го согледале откровението на Божјата слава; ушите што никогаш не го слушале неговиот глас, не ги чуле зборовите на сведоштвото. Така е тоа и сега. Често Христовото присуство и присуството на ангелите што служат се открива на собирите на луѓето, а сепак многу има такви кои не го знаат тоа. Тие не забележале ништо необично. Меѓутоа, на некои им се открило присуството на Спасителот. Нивните срца ги оживуваат мир и радост. Тие се утешени, охрабрени и благословени.

Пратениците од Ерусалим го прашале Јована: „Тогаш зошто крштаваш?“ Очекувале одговор. Одненадеж, додека го посматрал мноштвото, неговите очи засветиле, лицето му се озарило, а целото негово суштество го проникнало длабоко чувство. Со подадена рака извикнал: „Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден кого вие не го познавате. Тој е Оној кој доаѓа по мене, на кого јас не сум достоен да му ги одврзам врвците на обувките“ (Јован 1,26.27).

Веста што требало да му ја однесат назад на Синедрионот била јасна и недвосмислена. Зборовите на Јована не можеле да се однесуваат на ниеден друг освен на Оној што одамна бил ветен. Месија се наоѓал меѓу нив. Изненадени, свештениците и главарите гледале околу себе со надеж дека ќе го откријат Оној за кого Јован зборува. Меѓутоа, во мноштвото не било можно Тој да се забележи.

При Исусовото крштавање, кога Јован укажувал на него како на Божје Јагне, делото на Месија го осветлила нова светлина. Умот на пророкот бил насочен кон зборовите на пророк Исаија: „Го одведоа како јагне на колење“ (Исаија 53,7). Во текот на седмиците што следеле, Јован со нов интерес ги проучувал пророштвата и учењето за жртвената служба. Тој не ги разликувал јасно двата облика на Христовата служба ­ како жртва што страда и како цар што победува ­ но видел дека неговото доаѓање има подлабоко значење од она што му го придавале свештениците или народот. Кога во мноштвото го забележал Исуса при неговото враќање од пустината, со доверба очекувал Тој на народот да му даде некаков знак за својот вистински карактер. Нестрпливо очекувал да слушне како Спасителот ја објавува својата мисија; но Тој не изговорил ниту еден збор, не дал ниту еден знак. Исус не одговорил на зборовите со кои го претставил Крстителот, туку се измешал со Јовановите ученици, не давајќи никаков надворешен доказ за своето посебно дело, не преземајќи никакви мерки за да обрне внимание на себе. (продолжува)

Pin It on Pinterest