(продолжува од претходниот ден) Христовиот гнев бил насочен против лицемерството, против големите гревови со кои луѓето ги уништувале своите души, го мамеле народот и го обесчестувале Бога. Во длабокото измамно расудување на свештениците и поглаварите го препознал дејствувањето на сатанските орудија. Неговата осуда на гревот била остра и поттикнувала на преиспитување, но не изговорил ниту еден збор на одмазда. Бил исполнет со свет гнев кон кнезот на темнината, но не покажал никакво раздразливо расположение. Така и христијанинот, кој живее во хармонија со Бога и се одликува со драгоцените особини на љубовта и милоста, ќе биде исполнет со праведен гнев кон гревот, но нема да биде поттикнат со страст да ги навредува оние што го навредуваат него. Тој во Христа ќе го сочува мирот и власта над себе, дури и тогаш кога ќе се сретне со оние што, поттикнати од силите оздола, ја бранат невистината.

Додека со бавен поглед го опфаќал храмот и своите слушатели, на лицето на Божјиот Син се видело божествено сожалување. Со глас придушен со длабока болка и со горки солзи, извикнал: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што ти се пратени! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца како квачката што ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте!“ Тоа била борба при разделба. Во Христовото плачење се излевало Божјето срце. Тоа се случило при разделбата на таинственото „збогум“ на Божјата љубов која долго трпи.

И фарисеите и садукеите биле замолкнати. Исус ги собрал своите ученици и се приготвил да го напушти храмот, не како победен кого непријателите го присилиле да го напушти, туку како Оној чиешто дело е завршено. Од борбата излегол како победник.

Драгоцените вистини што потекле во тој значаен ден од Христовите усни се сочувани во многу срца. Во нивниот живот се разбудиле нови мисли и нови стремежи, и почнала нова историја. По Христовото распнување и воскресение, овие луѓе решително истапиле и го исполниле божествениот налог со мудрост и ревност сообразени со големината на делото. Ја носеле веста што им се обраќала на човечките срца, поткопувајќи ги старите предрасуди кои долго ограничувале илјадници луѓе. Пред нивното сведоштво човечките теории и филозофии станале празни прикаски. Силни биле резултатите што произлегле од зборовите на Спасителот упатени до восхитеното и со страхопочит опфатено мноштво во ерусалимскиот храм.

Меѓутоа, Израел како народ го оставил својот Бог. Природните маслинови гранки се скршиле. Набљудувајќи ја за последен пат внатрешноста на храмот, Исус со длабока болка рекол: „Еве, пуст ви останува вашиот дом! Зашто ви велам: отсега нема да ме видите додека не речете: ‘Благосло вен е Оној кој доаѓа во Господово име!“ До сега храмот го нарекувал дом на својот Отец, но сега, кога Божјиот Син ќе излезе надвор од тие ѕидови, Божјата слава засекогаш ќе се повлече од храмот изграден во негова слава. Од сега неговите обреди нема да имаат никаква важност, а неговата служба ќе стане празна.

Pin It on Pinterest