„Меѓу поклониците, кои беа дојдени на празникот, имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филипа, којшто беше од Витсаида Галилејска, и го замолија, велејќи: ‘Господине, ние сакаме да го видиме Исуса.’ Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и му кажаа на Исуса.“

Во тоа време се чинело дека Христовото дело е жестоко поразено. Тој бил победник во расправиите со свештениците и фарисеите, но било очигледно дека тие никогаш нема да го прифатат како Месија. Настапила конечна разделба. За неговите ученици случајот изгледал безнадежен. Но Хистос се приближувал кон мигот кога неговото дело требало конечно да се заврши. Наскоро ќе се одигра големиот настан што се однесува не само на еврејскиот народ, туку и на целиот свет. Кога Исус ја чул топлата желба: „Ние би сакале да го видиме Исуса“, во која бликнале воплите на цел свет, неговото лице се озарило и Тој рекол: „Дојде часот да се прослави Синот човечки.“ Во молбата на Грците видел предзнак на резултатите на својата голема жртва.

Овие луѓе дошле од Запад да го најдат Спасителот при крајот на неговиот живот, како на почетокот што дошле мудреците од Исток. Во времето на Христовото раѓање еврејскиот народ бил толку окупиран со своите честољубиви планови, што и не знаел за неговото доаѓање. Мудреците од една незнабожечка земја дошле со свои дарови до јаслите да му се поклонат на Спасителот. Така и Грците, како претставници на народите, на племињата и луѓето на светот, дошле да го видат Исуса. На тој начин крстот на Спасителот ќе ги привлече луѓето од сите земји и од сите векови. Така „мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе прилегнат крај трпезата со Аврама, Исака и Јакова во небесното царство“ (Матеј 8,11).

Грците чуле за Христовото победоносно влегување во Ерусалим. Некои претпоставувале и ширеле вести дека ги истерал свештениците и поглаварите од храмот, дека се подготвува да го заземе Давидовиот престол и да завладее како цар во Израел. Грците копнееле да ја дознаат вистината за Христовата мисија. „Ние би сакале да го видиме Исуса“, рекле. Нивната желба била исполнета. Кога бил известен за нивната желба, Исус се наоѓал во оној дел на храмот од кој биле исклучени сите, освен Евреите, но пошол кај Грците во надворешното предворје и лично разговарал со нив.

Настапил часот Христос да се прослави. Стоел во сенката на крстот и распрашувањето на Грците му покажало дека жртвата што ќе ја принесе наскоро ќе доведе кај Бога многу синови и ќерки. Тој знаел дека овие Грци наскоро ќе го видат во положба за која немале никаква претстава. Ќе го видат поставен крај Варава, разбојник и убиец, и побргу ќе го ослободат него отколку Божјиот Син. Ќе го слушаат народот, подбуцнат од свештениците и поглаварите, како се одлучува. А на прашањето: „Што да сторам со Исуса, наречен Христос“, одговорот ќе биде: „Нека се распне“ (Матеј 27,22). Со принесувањето на оваа жртва за гревот на луѓето, Христос знаел дека неговото царство ќе се надополни и ќе се прошири по цел свет. Тој ќе дејствува како Обновител и неговиот Дух ќе надвладее. За миг погледнал во иднината и чул гласови како во сите делови на земјата објавуваат: „Еве го Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29). Во овие странци видел залог на големата жртва кога ќе биде урнат ѕидот што ги разделувал Евреите и незнабошците и кога сите народи, јазици и племиња ќе ја слушнат веста на спасението. Очекувањето на овој миг, исполнувањето на своите надежи, го изразил со зборовите: „Настапи часот да се прослави Синот човечки.“ Но начинот на кој мора да се изврши ова прославување никогаш не излегувал од Христовите мисли. Собирањето на незнабошците треба да се случи по неговата смрт што се приближувала. Светот може да се спаси само со неговата смрт. Како и пченичното зрно, Синот човечки требало да биде фрлен во земјата, да умре и да биде скриен од погледите, но повторно ќе оживее.

Христос зборувал за својата иднина, служејќи се со слики од природата за неговите ученици да можат да разберат. Со неговата смрт требало да се оствари вистинскиот резултат на неговата мисија: „Вистина, вистина, ви велам“, рекол Тој, „ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само, а ако умре, денесува многу плод.“ Кога пченичното зрно ќе падне на почвата и ќе умре, тоа никнува и донесува род. Така и Христовата смрт ќе донесе род за Божјето царство. Сообразно со законот на растителното царство, животот треба да биде резултат на неговата смрт. (продолжува)

Pin It on Pinterest