(продолжува) Што ќе се добие со оваа жртва? Колку безнадежни изгледале вината и неблагодарноста на луѓето! Сатаната го оптоварувал Откупителот со најсурово прикажани прилики: те отфрли народот кој тврди дека е над сите други народи, уживајќи земни и духовни предимства; тој сака да те уништи тебе, темелот, центарот и печатот на ветувањата што му се дадени како на посебен народ. Еден од твоите ученици, кој ги слушаше твоите поуки и беше меѓу првите во црковните дејности, ќе те предаде. Ќе се откаже од тебе еден од твоите најревни следбеници. Сите ќе те напуштат. При таа помисла целото Христово суштество затреперило од ужас. Оние кои настојувал да ги спаси, што толку силно ги сакал, ќе се соединат во заговорот со сатаната тоа му го проболо душата. Тоа била страшна борба. Таа се мерела со вината на неговиот народ, со вината на неговите тужители и предавници, со вината на светот што лежел во зло. Човечките гревови тешко го притискале Христа, а чувството на Божјиот гнев против гревот го разурнувало неговиот живот.

Набљудувајте го како размислува за цената што треба да се плати за човечката душа. Во својата длабока душевна борба се фрлил на студената почва, како да ќе спречи со тоа да не биде уште повеќе оддалечен од Бога. Врз неговото тело, додека лежело ничкум, паѓала студена ноќна роса, но Тој на тоа не обрнувал внимание. Од неговите бледи усни се оттргнал болен извик: „Оче мој! Ако е можно, нека ме одмине оваа чаша.“ Сепак, и сега додал: „Но не како што сакам јас, туку како што сакаш ти!“

Кога страда, човечкото срце копнее за сочувство. Овој копнеж Христос го чувствувал во длабината на своето суштество. Во најдлабоката душевна болка дошол кај своите ученици со голема желба да чуе некој утешен збор од оние што толку често ги благословувал, ги тешел и ги штител во жалоста и во неволјата. Оној што секогаш имал зборови на сочувство за нив, поднесувал натчовечки душевни страдања и копнеел да знае дали се молат за него и за себе. Колку мрачна била злобата на гревот! Бил во страшно искушение човечкиот род да го препушти на последиците на сопствената вина, а Тој да остане невин пред Бога. Тој би бил закрепнат само кога би можел да знае дека тоа неговите ученици го разбираат и го ценат.

Станувајќи со болен напор, потклекнувал до местото на кое ги оставил своите придружници. Но, „ги најде како спијат“. Кога би ги нашол како се молат, би почувствувал олеснение. Кога би барале прибежиште во Бога, за да не ги совладаат сатанските сили, би бил утешен со нивната постојана вера. Меѓутоа, не обрнале внимание на неговата повторена опомена: „Бдејте и молете се.“ Од почеток биле мошне загрижени кога го виделе својот Учител, кој обично бил толку мирен и достоинствен, како се бори со тага што ја надминува моќта на сфаќањето. Се молеле кога го чуле силниот извик на Страдалникот. Немале намера да го напуштат својот Господ, но изгледале парализирани со заспаноста што можеле да ја растераат кога би продолжиле да се молат на Бога. Не ја сфатиле потребата од стражарење и од сериозна молитва за да му се противстават на искушението.

Пред да се упати кон градината, Исус им рекол на своите ученици: „Сите ќе се поколебате.“ Своевремено му дале најцврсто ветување дека со него би оделе и во затвор и во смрт. А кутриот, самоуверен Петар, додал: „Ако навистина сите се поколебаат, сепак, јас нема да се поколебам“ (Марко 14,27.29). Учениците биле самоуверени. Не го подигнале погледот кон моќниот Помошник, како што им советувал Христос. Така, кога Спасителот имал најголема потреба од нивно сочувство и молитви, ги нашол како спијат. Дури и Петар спиел.

И Јован, саканиот ученик, кој лежел на Христовите гради, спиел. Секако, љубовта кон Учителот требало Јована да го држи во будна состојба. Неговите сериозни молитви требало да се соединат со молитвите на саканиот Спасител во мигот на неговата најголема болка. Откупителот поминувал цели ноќи молејќи се за своите ученици нивната вера да не престане. Сега, кога Исус би им го поставил на Јакова и Јована прашањето што веќе еднаш им го поставил: „Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам јас и да се крстите со крштавањето со кое се крштавам јас?“, тие не би се осмелиле да дадат одговор: „Можеме!“ (Матеј 20,22). (продолжува)

Pin It on Pinterest