(продолжува од претходниот ден) Учениците се разбудиле кога го слушнале Исусовиот глас, но одвај го препознале, зашто болката потполно го изменила неговото лице. Обраќајќи му се на Петар, Исус рекол: „Симоне, спиеш ли? Не можете ли да бдеете еден час? Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е немоќно.“ Слабоста на учениците разбудила кај Исуса сожалување. Се плашел дека не ќе можат да го издржат искушението што ќе се урне врз нив поради неговото предавство и неговата смрт. Не ги укорил, туку рекол: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение!“ Дури и во својата голема душевна болка се трудел да ја оправда нивната слабост. „Духот е бодар“, рекол, „но телото е немоќно.“

Повторно Божјиот Син го опфатиле натчовечки страдања и, папсан и премален, потклекнувајќи се вратил на своето поранешно место да ја продолжи борбата. Неговите страдања станале дури и поголеми. Кога го опфатила голема душевна болка, „потта му прилегаше на капки крв што паѓаа на земјата.“ Чемпресите и палмите биле неми сведоци за неговата голема душевна болка. Од нивните лисести гранки паѓале крупни капки роса врз неговото премалено тело. И природата како да плачела над својот Творец кој сам се борел со силите на темнината.

Само малку пред тоа Исус стоел како силен кедар, противставувајќи ѝ се на луњата на противења што беснеела над него. Со упорна волја и со срце исполнето со злоба и итрина, попусто се труделе да го збунат и да го совладаат. Стоел непоколебливо во божественото величество како Божји Син. Сега бил сличен на трска што ја шиба и ја повива силна луња. Задобивајќи на секој чекор победа над силите на темнината, победнички се приближувал кон крајот на своето дело. Како Оној што веќе е прославен, полагал право да биде едно со Бога. Со решителен глас ги изразил своите фалбоспеви. На своите ученици им зборувал со охрабрувачки и со нежни зборови. Сега настапил часот на силите на темнината. Сега во тивката вечер неговиот глас не звучел победоносно, туку бил исполнет со човечка болка. До ушите на заспаните ученици допирале зборовите на Спасителот: „Оче мој! Ако не е можно да ме одмине оваа чаша да не ја пијам, нека биде волјата твоја.“

Учениците најпрво сакале да појдат со него, но Тој им заповедал да останат и да бдеат во молитва. Кога дошол кај нив, Исус ги нашол како сè уште спијат. Пак почувствувал потреба од друштво на своите ученици, да ги чуе нивните зборови што би му донеле олеснение и би ја растерале темнината што го притискала. Но нивните очи натежнале „и не знаеја што да му одговорат“. Неговото присуство ги разбудило. Го виделе неговото лице обележано со крвава пот на душевна мака и тоа ги исплашило. Не можеле да ја сфатат неговата голема душевна болка. „Толку грдо беше лицето негово, што со изгледот не наликуваше повеќе на човек“ (Исаија 52,14).

Свртувајќи се, Исус пак го побарал своето тивко место и паднал ничкум совладан од ужасот на длабоката темнина. Човечкта природа на Божјиот Син затреперила во тој час на искушение. Сега не се молел за своите ученици нивната вера да не падне, туку за својата душа која била во искушение и среде големо страдање. Настапил страшниот миг решавачкиот миг за судбината на светот. Судбината на човештвото треперела на мерилата. Христос дури и сега можел да ја одбие чашата доделена на грешниот човек. Уште не било предоцна. Можел да ја избрише крвавата пот од своето чело и да го остави човекот да загине во своето беззаконие. Можел да каже: Престапникот нека ја прими казната за својот грев, а јас се враќам кај мојот Отец. Дали Божјиот Син ќе ја испие горчливата чаша на понижувањето и агонијата? Дали Невиниот ќе ги сноси последиците на проклетството на гревот за да го спаси виновникот? Бледите Исусови усни со треперлив глас ги изговориле зборовите: „Оче мој! Ако не е можно да ме одмине оваа чаша да не ја пијам, нека биде волјата твоја.“

Трипати ја изустил оваа молитва. Трипати човечката природа се повлекла пред последната, најголема жртва. Но сега пред Откупителот на светот се појавила историјата на човечкиот род. Видел дека прекршителите на законот ќе мора да загинат ако бидат препуштени сами на себе. Ја видел силата на гревот. Пред него се појавувале несреќите и жалостите на осудениот свет. Ја видел човековата беспомошност. Ја гледал неговата зла судбина што го очекува и донел одлука. Ќе го спаси човекот по секоја цена. Го прифатил своето крштавање со крв за милиони што се осудени на смрт да можат преку него да добијат живот вечен. Ги напуштил небесните дворови во кои е сè чисто, среќно и славно, за да спаси една загубена овца, еден свет кој паднал поради престапот. Тој нема да ја напушти својата мисија. Ќе стане жртва помирница за човечкиот род кој решил да згреши. Неговата молитва сега дише со послушност: „Ако не е можно да ме одмине оваа чаша да не ја пијам, нека биде волјата твоја.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest