(продолжува од претходниот ден) Така и душата, мртва во престапите и гревовите, добива живот преку врската со Христа. Таа врска се воспоставува со вера во него како жив Спасител. Грешникот својата слабост ја соединува со Христовата сила, својата празнина со Христовата полнота, својата непостојаност со Христовата постојана сила. Тогаш тој има Христов ум. Христовата човечка природа ја допрела нашата човечка природа, а нашата човечка природа ја допрела божествената природа. Така со силата на Светиот Дух човекот станува учесник во божествената природа. Тој е прифатен во Саканиот.

Таа заедница со Христа, еднаш воспоставена, мора да се одржува. Христос вели: „Останете во мене и јас ќе останам во вас. Како прачката што не може да роди плод сама од себе ако не биде на лозата, така ни вие, ако не останете во мене.“ Тоа не е никаков случаен допир, никакава повремена врска. Прачката станува дел на живата лоза. Пренесувањето на животот, на силата и родноста од лозата на прачката е непречено и постојано. Прачката не може да живее одвоено од лозата. Така и вие, вели Исус, не можете да живеете без мене. Животот што сте го примиле од мене може да се сочува само со непрекината заедница. Без мене не можете да совладате ниту еден грев ниту да му се противставите на кое и да е искушение.

„Останете во мене и јас во вас.“ Да се биде во Христа значи постојано да се прима неговиот Дух, значи да се живее исцело предаден на неговата служба. Каналите што го поврзуваат човекот и неговиот Бог мора да бидат постојано отворени. Како прачката што постојано црпе сок од животодавната лоза, така и ние треба цврсто да се држиме за Исуса и со вера да примаме од него сила и совршенството на неговиот карактер.

Коренот праќа храна преку прачката до најоддалечените гранчиња. Така и Христос ги пренесува реките на духовната сила до секој верник. Додека душата е соединета со Христа, не постои опасност да овене или да пропадне.

Животот на лозата ќе се покаже во прекрасниот плод на прачките. „Кој останува во мене и јас во него, ќе донесе многу плод“, рекол Исус, „зашто без мене не можете да сторите ништо.“ Ако живееме со вера во Божјиот Син, во нашиот живот ќе се покажат плодови на Духот и ниеден нема да недостига.

„Мојот Отец е лозар. Тој сече секоја прачка на мене што не дава плод.“ Додека калемот само надворешно е поврзан со прачката, не може да постои животна врска. Во тој случај нема растење ниту плодност. Така може да постои само привидна врска со Христа, без вистинска заедница со него преку вера. Исповедањето на верата ги доведува луѓето во црквата, но карактерот и однесувањето покажуваат дали тие се поврзани со Христа. Ако не донесуваат никаков плод, тие се неродни прачки. Нивното одвојување од Христа подразбира нивна целосна пропаст што е прикажана со исушената прачка. „Оној што не ќе остане во мене“, вели Христос, „ќе биде исфрлен како лозинка и ќе се исуши, а лозинките ги собираат, ги фрлаат во оган и ги горат.“ „А ја обрежува секоја што дава плод, за да даде повеќе род.“

Од одбраните дванаесетмина што го придружувале Исуса, наскоро еден требало да се отстрани како исушена прачка, а другите ќе мора да поминат под калемарски нож на горчливи искушенија. Со свечена нежност Исус ја објаснил намерата на лозарот. Обрежувањето ќе предизвика болка, но Отецот е тој што го употребува ножот. Тој не работи со немилостива рака ниту со рамнодушно срце. Постојат прачки што се влечат по земјата и затоа тие треба да се одвојат од земниот потпор за кој се фатиле со своите кадрици. Тие треба да се насочат кон небото и да пронајдат своја потпора во Бога. Излишните лисја што го извлекуваат животниот сок од плодот мора да се отстранат. Бујно израснатите делови на билката мора да се пресечат за да се овозможи навлегување на зраците на Сонцето на правдата. Лозарот ги сече штетните изданоци за плодот да биде побогат и пообилен.

„Мојот Отец се прославува со тоа“, рекол Христос, „што давате многу род и покажувате дека сте мои ученици.“ Бог сака преку нас да ја покаже светлината, добротата и милоста на својот карактер. Сепак, Спасителот не им наложува на апостолите напорно да работат за да донесат род. (продолжува)

Pin It on Pinterest