(продолжува од претходниот ден) Кога рекол: „Јас сум пратен само кај загубените овци на Израеловиот дом“, ја изнел вистината, а со своето дело кон Хананката ја исполнил својата задача. Оваа жена била една од загубените овци што Израел требало да ја спаси. Тоа била нивна одредена задача, задача што ја занемариле, а Христос ја извршил.

Овој чин ја отворил душата на апостолите многу поцелосно кон работата што ги очекувала меѓу незнабошците. Го виделе широкото поле на корисна работа надвор од Јудеја. Ги виделе душите што поднесуваат жалост непозната за оние што се посреќни од нив. Меѓу овие што биле научени да ги презираат имало души кои очекувале помош од силниот Исцелител, кои биле гладни за светлината на вистината што толку изобилно им била дадена на Евреите.

Потоа, кога Евреите многу поупорно се одвраќале од учениците затоа што изјавиле дека Исус е Спасител на светот и кога ѕидот на разделбите меѓу Евреите и незнабошците бил урнат со Христовата смрт, оваа поука, и другите, слични на неа, што покажувале дека делото на евангелието не е ограничено со обичаите или со националноста, имале силно влијание врз Христовите претставници како насоки во нивната работа.

Посетата на Спасителот на Феникија и чудото што го сторил овде, имале многу подлабока намера. Ова дело не е сторено само за ујадената жена, ниту само за неговите ученици и за оние што ќе ја прифатат нивната работа, туку „за да верувате дека Исус е Месија, Син Божји, и верувајќи да имате живот во него“ (Јован 20,31). Истите сили што ги спречувале луѓето да дојдат кај Христа пред илјада и осумстотини години (напишано 1898, заб. на прев.) дејствуваат и денеска. Духот што го подигнал ѕидот на разделбите меѓу Евреите и незнабошците сè уште е активен. Горделивоста и предрасудите подигнале посилни ѕидови на разделби меѓу различни групи во човечкото општество. Христос и неговата мисија погрешно се претставени и големо мноштво луѓе сметале дека всушност се исклучени од службата на евангелието. Меѓутоа, нека не се чувствуваат одвоени од Христа. Не постои никаква пречка што човекот или сатаната можат да ја подигнат а верата да не може да ја совлада.

Феничанката со вера им се противставила на пречките што биле подигнати меѓу Евреите и незнабошците. Наспроти обесхрабрувањето, не гледајќи на околностите што би можеле да ја наведат да се посомнева, таа се потпрела врз љубовта на Спасителот. Христос сака и ние така да се потпреме врз него. Благословите на спасението ѝ припаѓаат на секоја душа. Ништо друго, освен личниот избор, не може да спречи ниту еден човек да стане учесник во Христовите ветувања преку евангелието.

Општествените разлики му се одвратни на Бога. Тој не признава ништо што има таков белег. Во неговите очи душите на сите народи имаат еднаква вредност. Тој „од еден човек ги создаде сите народи за да се населат по целата земја, откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, за да го бараат Бога и некако да го напипаат и најдат, бидејќи Тој не е далеку од ниеден од нас“. Без оглед на годините, на општествената положба, на народноста и на верската припадност, сите се повикани да дојдат кај него и да живеат. „Секој што верува во него нема да се разочара.“ „Нема веќе ни Евреин ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен.“ „Пред Господа се еднакви и богатите и бедните; Тој е творец и на едните и на другите.“ „Зашто еден ист е Господ на сите, богат за сите кои го повикуваат, бидејќи секој што ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен“ (Дела 17,26.27; Галатите 3,28; Мудри изреки Соломонови 22,2; Римјаните 10,11­-13).

Pin It on Pinterest