„Напуштајќи ги тирските краишта, дојде преку Сидон на Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис“ (Марко 7,31).

Жителите на Гергеса, обземени од лоши духови, биле излекувани во областа на Десетте градови. Овде народот, возбуден со уништувањето на свињите, го присилил Исуса да ги напушти. Но ги слушале весниците што ги оставил зад себе и сега сакале да го видат. Кога повторно дошол во оваа област, околу него се собрале многу луѓе и му донеле „човек глувонем“. Според својот обичај, Исус не го исцелил човекот само со збор. Тргнувајќи го на страна од мноштвото, ги ставил своите прсти во неговите уши и го допрел неговиот јазик; гледајќи кон небото, воздивнал при помислата на ушите што нема да се отворат за вистината, и на јазиците што не сакале да го признаат Откупителот. Кога ги изговорил зборовите: „Отвори се“, на човекот му се вратила моќта на говорот и тој, занемарувајќи го налогот да не му кажува никому, го објавувал наоколу настанот за своето исцелување.

Исус отишол на една гора и таму околу него се собрало мноштво, донесувајќи и положувајќи ги своите болни и улогави пред неговите нозе. Тој сите ги исцелил; а народот, иако многубожечки, го славел Израеловиот Бог. Три дена продолжиле да се собираат околу Спасителот, спиејќи ноќе на отворено, а преку ден страдно се тискале да ги слушнат Христовите зборови и да ги видат неговите дела. На крајот од овие три дена снемало храна. Исус не сакал да ги отпушти гладни, барал од учениците да им дадат храна. Учениците повторно го откриле своето неверство. Во Витсаида виделе како со Христов благослов нивната малечка резерва била доволна да нахрани мноштво; сепак, сега изнеле сè што имале, очекувајќи неговата сила да го умножи тоа за гладното мноштво. Уште повеќе, оние што ги нахранил во Витсаида биле Евреи, а овие биле незнабошци и многубошци. Еврејските предрасуди во срцата на учениците сè уште биле силни, па на Исуса му одговориле: „Каде да најдеме во пустинава толку леб за да нахраниме толку народ?“ Меѓутоа, ги послушале неговите зборови и му го донеле она што го имале седум лебови и две риби. Мноштвото било нахрането и преостанале седум големи кошници. Со тоа биле поткрепени четири илјади мажи, освен жени и деца, и Исус ги отпуштил со радосни и благодарни срца.

Тогаш ја зел лаѓата и со своите ученици испловил на езерото до Магдала, на јужниот дел на Генизаретската низина. На границата меѓу Тир и Сидон неговиот дух се освежил со длабоката доверба на Сирофеничанката. Незнабожечкиот народ од Десетте градови радосно го примил. Сега, кога уште еднаш се истоварил во Галилеја, во која неговата сила се открила на највпечатлив начин, во која направил најмногу дела на милоста и каде што го изнесувал своето учење, бил пречекан со горделиво неверство.

На едно пратеништво на фарисеите му се придружиле претставници на богатите и достоинствените садукеи партија на свештениците сомничави народни благородници. Овие две секти биле во луто меѓусебно непријателство. Садукеите ѝ се додворувале на владеачката сила за да ја сочуваат својата положба и углед. Фарисеите, од друга страна, поттикнувале народна омраза кон Римјаните, копнеејќи за денот кога ќе се отфрли јаремот на освојувачот. Меѓутоа, фарисеите и садукеите сега се соединиле против Христа. Сличниот си бара сличен на себе; па злото каде и да постои, се здружува со злото за да се уништи доброто.

Сега фарисеите и садукеите дошле кај Христа барајќи знак од небото. Во времето на Исус Навин, кога Израел излегол на бој со Хананците кај Вет­Орон, Сонцето се запрело на заповед на водачот сè додека не е извојувана победа; во нивната историја се покажале многу слични чуда. Некој таков знак барале од Исуса. Меѓутоа, на Евреите не им биле потребни такви знаци. Само надворешниот доказ не би им користел многу. Она што им било потребно ним не било умно просветување, туку духовна обнова.

„Лицемери“, рекол Исус, „навистина знаете да го разликувате изгледот на небото, а знаците на времињата не можете.“ Христовите зборови, изговорени во сила на Светиот Дух, што ги осведочиле за гревот, биле знак што го дал Бог за нивно спасение. Дадени се и знаци непосредно од небото за да се потврди Христовата мисија. Песната на ангелите упатена до пастирите, ѕвездата што ги водела мудреците, гулабот и гласот од небото при неговото крштавање, биле сведоци за него. (продолжува)

Pin It on Pinterest