Симон од Витанија сметал дека е Исусов ученик. Бил еден од неколкутемина фарисеи кои отворено им се придружиле на Христовите следбеници. Тој го признал Исуса како учител и се надевал дека Исус би можел да биде Месија, но не го прифатил како Спасител. Неговиот карактер не бил преобразен, неговите начела биле неизменети.

Симон бил исцелен од лепра и тоа го привлекло кон Исуса. Сакал да му ја покаже својата благодарност и при последната Христова посета на Витанија им приредил гозба на Спасителот и на неговите ученици. Оваа гозба собрала многу Евреи. Во тоа време во Ерусалим владеела голема возбуда. Христос и неговата мисија привлекувале поголемо внимание од кога и да е порано. Оние што дошле на гозбата будно го следеле неговото движење, а некои од нив тоа го правеле со непријателски поглед.

Спасителот стигнал во Витанија само шест дена пред Пасха, и според својот обичај побарал одмор во домот на Лазара. Многу патници што пристигнувале во градот рашириле вест дека Тој се наоѓа на пат кон Ерусалим и дека преку сабота ќе се одмора во Витанија. Меѓу луѓето владеело големо одушевување. Во Витанија се собрало големо мноштво, некои од наклоност кон Исуса, а други од љубопитство за да го видат човекот кој воскреснал од мртвите.

Мнозина очекувале од Лазара да чујат чудесен извештај за сцените чијшто сведок бил по смртта. Биле изненадени што ништо не им рекол. Немал ништо од тоа да им каже. Вдахновението објавува: „Мртвите не знаат повеќе ништо… исчезнала и нивната љубов, и нивната омраза и нивната завист“ (Проповедник 9,5.6). Меѓутоа, Лазар им изнел прекрасно сведоштво за Христовата служба. Тој е воскреснат од мртвите со таа цел. Со сигурност и со сила изјавил дека Исус е Божји Син.

Извештаите што ги однеле посетителите на Витанија во Ерусалим ја зголемиле возбудата. Луѓето биле желни да го видат и да го чујат Исуса. Сеопшто прашање било дали Лазар ќе го придружува во Ерусалим и дали Пророкот на празникот Пасха ќе биде крунисан за цар. Свештениците и поглаварите виделе дека нивната моќ среде народот постојано слабее, па нивната омраза кон Исуса станувала уште пожестока. Одвај чекале прилика засекогаш да го отстранат од својот пат. Како времето поминувало, почнале да стравуваат дека Тој можеби нема да дојде во Ерусалим. Си спомнувале како често ги осуетувал нивните убиствени намери, па се плашеле дека Тој и сега проникнал во нивните непријателски намери и дека ќе остане далеку. Не биле во состојба да ја скријат својата збунетост, па меѓусебно се прашувале: „Што мислите, зар нема да дојде на празников?“

Свикан е Советот на свештениците и фарисеите. Од воскресението на Лазара наклоноста на народот кон Исуса била толку силна, што било опасно јавно да го уапсат. Така властите решиле да го фатат тајно и колку што може потивко да го изведат пред суд. Се надевале дека кога неговата осуда ќе стане позната, непостојаната плима на јавното мислење ќе се смири во нивна корист.

На тој начин имале намера да го уништат Исуса. Но сè додека Лазар живее, свештениците и рабините знаеле дека не се сигурни. Самото постоење на човекот кој бил четири дена во гроб и кој е вратен во живот со Исусовиот збор, порано или подоцна ќе предизвика отпор. Народот би им се одмаздил на своите водачи поради убиството на Оној кој можел да стори такво чудо. Затоа Синедрионот решил и Лазар да умре. Зависта и предрасудите дотаму ги одвеле своите робови. Омразата и неверството на еврејските водачи постојано се зголемувале за да му го одземат животот дури и на оној што бесконечната сила го избавила од гробот.

Додека во Ерусалим напредувал заговорот, Исус и неговите пријатели биле повикани на гозба кај Симона. На едната страна од трпезата седел Спасителот со Симона, кого што го исцелил од страшната болест, а на другата страна Лазар кого што го подигнал од мртвите. Марта служела околу трпезата, додека Марија желно слушала секој збор од Исусовите усни. Во своето милосрдие Исус ѝ ги простил гревовите и го повикал нејзиниот сакан брат да излезе од гробот, па срцето на Марија било преполно со благодарност. Чула како Исус зборува за својата смрт што се приближува и во својата длабока љубов и жалост копнеела да му искаже почит. По цена на голема лична жртва, таа купила шишенце од алабастер „со скапоцено чисто нардово миро“ за да изврши помазание на неговото тело. Но сега многумина изјавувале дека Тој наскоро ќе биде крунисан за цар. Нејзината болка се претворила во радост, па копнеела да биде прва што ќе му оддаде почест на својот Господ. Го скршила садот со скапоцен мирис чијашто содржина ја излеала врз Исусовата глава и нозе; потоа клекнала и, плачејќи, со своите солзи ги квасела неговите нозе и ги бришела со својата долга бујна коса. (продолжува)

Pin It on Pinterest