(продолжува од претходниот ден) Не сакала никој да ја забележи и нејзините движења можеле да поминат незабележано, но мирисот ја исполнил просторијата и на сите присутни им го објавил нејзиниот чин. Јуда овој чин го набљудувал со големо незадоволство. Наместо да почека и да чуе што ќе каже Христос за тоа, тој почнал на оние околу себе со шепот да им ги пренесува своите забелешки, префрлувајќи му на Христа што трпи такво растурање. Лукаво наведувал на мисла која веројатно ќе предизвика незадоволство.

Јуда бил благајник на учениците, па од нивните незначителни резерви потајно земал за себе, намалувајќи ги со тоа уште повеќе нивните скромни средства. Сакал да стави во кофчежето сè што можел да добие. Парите од кофчежето често се користеле да им се помогне на сиромасите, и кога нешто е купено што според Јуда не било толку важно, тој би рекол: „Зошто толкаво растурање? Зошто таа вредност не се стави во кофчежето што го носам за сиромасите?’ Делото на Марија сега било во толку уочлива спротивност со неговата себичност, што се усрамил и, според својот обичај, се обидел да му припише вредна побуда на својот приговор против нејзиниот дар. Свртувајќи се кон учениците, прашал: „’Зошто мирово не се продаде за триста денарии, и не им се раздаде на сиромасите?’ Но тоа не го рече затоа што се грижеше за сиромасите, туку затоа што беше крадец; кај него беше чекмежето со пари и поткрадуваше од она што го пуштаа во него.“ Јуда немал срце за сиромасите. Кога мирисот на Марија и би се продал и кога парите би дошле под негова контрола, сиромасите не би имале никаква полза од нив.

Јуда имал високо мислење за својата способност. Како финансиски експерт, себеси се сметал за многу повисок од другите ученици, а и нив ги наведувал да го гледаат во иста светлина. Стекнал нивна доверба и вршел силно влијание врз нив. Неговото лажно сочувство кон сиромасите ги измамило и неговото лукаво навестување сторило со недоверба да гледаат на преданоста на Марија. Околу трпезата кружело шепотење: „Зошто вакво растурање? Тој мирис можеше да биде продаден скапо, а сребрениците да им се дадат на сиромасите!“

Марија ги чула тие зборови, таа критика. Срцето ѝ затреперило. Се плашела дека сестра ѝ ќе ја прекори за растурање. Учителот исто така би можел да помисли дека е лекомислена. Без никакво оправдување или извинување, имала намера да се повлече, кога се слушнал гласот на нејзиниот Господ: „Оставете ја! Зошто ѝ создавате непријатности?“ Видел дека била понижена и збунета. Знаел дека со овој чин ја изразила својата благодарност за проштавањето на гревовите кое му донело олеснение на нејзиниот ум. Подигнувајќи го својот глас над критичката врева, рекол: „Таа ми стори добро дело. Сиромаси секогаш ќе имате со себе, а мене ќе ме немате секогаш. Имено, кога таа го излеа овој мирис врз моето тело, тоа го стори за да ме приготви за закоп.“

Миризливиот дар што намислила Марија дарежливо да го потроши врз мртвото тело на Спасителот, го излеала врз неговото живо тело. При закопот неговиот мирис би го исполнил гробот, а сега го развеселувал неговото срце со гаранција за нејзината вера и љубов. Јосиф од Ариматеја и Никодим својот дар на љубовта не му го понудиле на Исуса додека Исус бил жив. Со горчливи солзи ги донеле своите скапоцени мириси за неговото студено, несвесно тело. Жените што ги донеле мирисите на гробот напразно се труделе, зашто Тој воскреснал. Но, излевајќи ја својата љубов врз Спасителот уште додека бил свесен за нејзината преданост, Марија го помазала за закоп. А кога се упатил во темнината на своето големо искушение, го понел со себе и сеќавањето на тоа дело, на залогот на љубовта што вечно ќе му припаѓа од оние што ги откупил.

Мноштво луѓе своите дарови им ги носат на мртвите. Додека стојат крај студеното, неподвижно тело, слободно изговараат зборови со кои покажуваат љубов. Нежност, почитување, преданост, безгранично му се искажуваат на оној што не гледа и не чуе. Колку драгоцен би бил нивниот мирис кога овие зборови би биле изговорени кога на уморниот дух му биле толку потребни, кога увото можело да ги чуе, а срцето да ги почувствува!

Марија не го сфатила наполно значењето на своето дело на љубовта. Таа не можела да им одговори на своите тужители. Не можела да објасни зошто ја избрала таа прилика да го помаже Исуса. Светиот Дух ја приготвил приликата за неа и таа ги послушала неговите поттици. Вдахновението слегува не давајќи објаснување. Невидливото присуство им зборува на умот и на чувствата и го поттикнува срцето да дејствува. Тоа е оправдание само за себе. (продолжува)

Pin It on Pinterest