Христовата служба на земјата бргу се ближела кон крај. Пред него во жив приказ се ределе сцените кон кои воделе неговите чекори. Дури и пред да земе на себе човечка природа, ја видел целата должина на патеката по која морал да помине за да го спаси она што е загубено. Секоја болка што го кинела неговото срце, секоја тешка навреда што се урнала врз неговата глава, секоја скудност што морал да ја поднесе, јасно ги видел пред да ја одложи својата круна и царската облека и пред да слезе од престолот за своето божество да го облече во човечка природа. Пред неговите очи се протегала целата патека од јаслите до Голгота. Го познавал страдањето со кое ќе се соочи. Тој сето тоа го знаел, а сепак рекол: „Еве ме, доаѓам во старите списи сум преткажан твојата волја сакам да ја извршам, Боже, твојот закон го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,7.8).

Пред своите очи постојано го имал резултатот на својата мисија. Неговиот земен живот, преполн со напорен труд и со самопрегор, бил исполнет со радост, надевајќи се дека сиот труд нема да биде напразен. Давајќи го својот живот за животот на луѓето, Тој ќе го врати светот во преданост кон Бога. Иако прво морал да прими крштавање со крв, иако неговата невина душа тешко ја притискале гревовите на светот, иако врз него лежела сенка на неискажлива болка, сепак, заради радоста што му е изложена, Тој избрал да претрпи крст и да го презре срамот.

Сцените што се наоѓ але пред него сè уште биле скриени од избраните соработници во неговата служба, но било близу времето кога ќе мораат да ги гледаат неговите претсмртни маки. Ќе мораат да го гледаат него, кого го сакале и во кого имале доверба, како ќе им биде предаден на непријателите и прикован на голготскиот крст. Наскоро ќе мора да ги остави без утеха на своето видливо присуство да се соочат со светот. Знаел дека ќе ги прогонува жестока омраза и неверство и сакал да ги приготви за тие искушенија.

Исус и неговите ученици сега стигнале во едно од гратчињата околу Ќесарија Филипова. Биле надвор од границите на Галилеја, во област во која преовладувало идолопоклонство. Овде учениците биле изделени од јудаистичкото влијание и доведени во поблизок допир со паганското бого служение. Околу нив биле застапени облиците на суеверието што постоело во сите делови на светот. Исус сакал да ги запознае со ова за да разбуди кај нив одговорност кон незнабошците. За време на својот престој во оваа област настојувал да се повлече од поучувањето на народот и поцелосно да им се посвети на своите ученици.

Имал намера да им зборува за страдањата што го очекуваат. Меѓутоа, прво отишол насамо и се молел нивните срца да бидат приготвени да ги примат неговите зборови. Кога им се придружил, не им го соопштил веднаш она што сакал да им го каже. Пред да го стори ова, им дал можност да ја покажат својата вера во него за да се засилат за искушението што ќе дојде. Прашал: „Што велат луѓето за мене, кој е Синот човечки?“

Учениците со жалост морале да признаат дека Израел не успеал во него да го препознае Месија. Навистина, некои, кога ги виделе неговите чуда, го прогласиле за Давидов син. Мноштвото што било нахрането кај Витсаида сакало да го прогласи за цар над Израел. Мнозина биле готови да го прифатат како пророк, но не верувале дека е Месија.

Исус сега поставил друго прашање што се однесувало на самите ученици: „А вие што велите, кој сум јас?“ Петар одговорил: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“

Петар од почеток верувал дека Исус е Месија. Мнозина други што биле осведочени со проповедањето на Јована Крстителот и го прифатиле Христа, почнале да се сомневаат во Јовановата мисија кога е фрлен во затвор и убиен; тие сега се сомневале дека Исус е Месија што толку долго го очекувале. Мнозина од учениците кои одушевено очекувале Исус да го заземе своето место на Давидовиот престол, го напуштиле кога виделе дека нема таква намера. Меѓутоа, Петар и неговите другари не се поколебале во својата приврзаност кон него. Непостојаноста на оние што вчера го славеле а денеска го осудувале не ја уништило верата на вистинските следбеници на Спасителот. Петар изјавил: „Ти си Христос, Син на живиот Бог!“ Тој не очекувал неговиот Господ да го крунисаат со царски почести, туку го прифатил во неговото понижување. (продолжува)

Pin It on Pinterest