(продолжува од предходниот ден) Учениците биле склони да мислат дека нивниот Учител треба да го исполни барањето за знак од небото. Верувале дека Тој има апсолутна можност да го стори тоа и дека таквиот знак ќе ги замолкне неговите непријатели. Не го сфатиле лицемерството на овие дребничари. Со месеци потоа, „кога се собраа едночудо луѓе, па се газеа едни со други“, Исус го повторил истото учење. „Тој почна да им зборува на своите ученици: ‘Пазете се од фарисејскиот квасец, што е лицемерство!’“ (Лука 12,1).

Квасецот ставен во тестото дејствува неусетно, менувајќи го целото количество сообразно со својата природа. На тој начин, ако му се дозволи на лицемерството да живее во срцето, тоа го проникнува карактерот и животот. Еден упадлив пример на фарисејско лицемерство Христос веќе укорил, обвинувајќи ја примената на „курбанот“ со кој се прикривало занемарувањето на должностите на децата кон родителите со таканаречената дарежливост кон храмот. Закониците и фарисеите незабележано поттурале измамни начела. Ја прикривале вистинската намера на своите доктрини и користеле секоја прилика вешто да ги втиснат во мислите на своите слушатели. Кога еднаш ќе се прифатат, овие лажни начела дејствуваат како квасец во тесто, проникнувајќи и менувајќи го карактерот. Ова измамно учење сторило народот толку тешко да ги прифати Христовите зборови.

Истото влијание дејствува и денеска преку оние што се обидуваат Божјиот закон да го објават на таков начин што ќе го сообразат со своите постапки. Овој вид луѓе не го напаѓаат отворено законот, туку воведуваат шпекулативни теории што ги поткопуваат неговите начела. Тие го објаснуваат така што ја уништуваат неговата сила.

Лицемерството на фарисеите било производ на себичноста. Цел на нивниот живот била прославување на самите себеси. Тоа ги одвело толку далеку што почнале да го извртуваат и погрешно да го применуваат Писмото и ги заслепило во однос на целта на Христовата мисија. Дури и Христовите апостоли биле во опасност да го негуваат ова подмолно зло. Оние што се вбројувале меѓу Исусовите следбеници, но не напуштиле сè за да станат негови ученици, во голема мера му подлегнувале на влијанието на фарисејското расудување. Тие често се колебале меѓу верата и неверството и не го препознале богатството на мудроста скриена во Христа. Дури и учениците, иако навидум напуштиле сè заради Исуса, во срцето не престанале да бараат големи работи за себе. Овој дух поттикнал караници околу тоа кој ќе биде најголем. Тој се поставил меѓу нив и Христа, правејќи ги на тој начин малку сочувствителни со неговата мисија на самопожртвуваност и толку бавни да ја сфатат тајната на откупувањето. Како и квасецот, ако се остави да ја доврши својата работа, предизвикувајќи расипување и распаѓање, така и себичниот дух, ако се негува, ќе предизвика сквернавење и уништување на душата.

Во колкава мера меѓу Христовите следбеници денеска, како и во старо време, е раширен овој подмолен, измамлив грев! Колку често нашата служба на Христа и нашата заедница еден со друг се нарушени со тајната желба за издигнување на своето јас! Колку бргу се јавува мисла сами себеси да си честитаме и желба за човечко одобрување! Самољубието, желбата за полесен пат од оној што го одредил Бог, води кон замена на божествените правила со човечки теории и преданија. Зборовите на Христовата опомена изговорени им се на неговите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец“

Христовата вера е чиста искреност. Ревноста за Божјата слава е побуда всадена со Светиот Дух и неа навистина може успешно да ја всади само Духот. Само Божјата сила може да ги отстрани саможивоста и лицемерството. Оваа промена е знак на неговото дејствување. Кога верата што ја прифаќаме ќе ја уништи себичноста и претворливоста, кога нè води да ја бараме Божјата слава а не нашата, можеме да бидеме сигурни дека тоа е вистинскиот пат. „Оче, прослави го своето име“ (Јован 12,28), било основно правило на Христовиот живот и, ако го следиме, тоа ќе биде основно правило на нашиот живот. Исус ни заповеда да живееме „како што живеел Тој,“ и „по тоа знаеме дека го познаваме, ако ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 2,6.3).

Pin It on Pinterest