Христос не го предал својот живот додека не го завршил делото што дошол да го изврши и додека со здивот што го напуштал не извикнал: „Се сврши!“ (Јован 19,30). Битката е извојувана. Неговата десница и света рака му донела победа. Како победник, Тој го поставил своето знаме на вечните висини. Зар меѓу ангелите немало радост? Цело небо ја прославувало победата на Спасителот. Сатаната бил победен и знаел дека неговото царство пропаднало.

За ангелите и за безгрешните светови извикот „Се сврши“ имал длабоко значење. И за нив и за нас е извршено тоа големо дело на откупување. Тие со нас ги делат плодовите на Христовата победа.

Сè до Христовата смрт на ангелите и на безгрешните светови не им е јасно откриен карактерот на сатаната. Праотпадникот во толкава мера се наметнал со измама, што дури ни светите суштества не ги сфатиле неговите начела. Не ја согледале јасно природата на неговиот бунт.

Против Бога се побунило суштество со исклучителна моќ и слава. Господ кажал за Луцифера: „Ти беше печат на совршенството, полн со мудрост и чудесно убав“ (Езекил 28,12). Луцифер бил херувим засолнувач. Стоел во светлината на Божјето присуство. Бил највозвишен од сите создадени суштества и најистакнат во откривањето на Божјите намери пред вселената. Откако згрешил, неговата сила да измами станала уште поголема, а разоткривањето на карактерот значително потешко поради возвишената положба што ја заземал пред Отецот.

Бог можел да го уништи сатаната и неговите истомисленици исто толку лесно како човекот кога фрла каменче на земјата, но не го сторил тоа. Бунтот не требало да се совлада со сила. Принуда постои само под сатанска власт. Господовите начела не му припаѓаат на таков поредок. Неговата власт почива врз доброта, милост и љубов, а нивната примена е средство со кое Тој се служи. Божјето владеење е морално, а вистината и љубовта треба да бидат сила што преовладува.

Божја намера била сè да постави врз вечниот темел на сигурноста, па на небесните совети е решено на сатаната да му се даде време да ги развие начелата што претставуваат основа на неговиот систем на владеење. Тврдел дека тие се повозвишени од Божјите начела. За да може вселената да ги согледа, на сатанските начела им е дадено време за дејствување.

Сатаната ги навел луѓето на грев, па планот на спасението станал делотворен. Четири илјади години Христос се трудел да го издигне човекот, а сатаната да го понижи и да го упропасти. Сето тоа го следела целата вселена.

Кога Исус дошол на светот, сатанската сила била насочена против него. Од времето кога се појавил како ново роденче во Витлеем, узурпаторот се трудел да го уништи. Со сите сили се обидувал да го спречи Исуса да развие совршено детство, безгрешна зрелост, света служба и жртва без мана. Но доживеал пораз. Не успеал Исуса да го наведе на грев. Не можел да го обесхрабри ниту да го одвои од делото што дошол да го изврши на земјата. Од пустината, па сè до Голгота, го шибала луњата на сатанскиот бес, но колку таа станувала понемилосрдна, Божјиот Син сè поцврсто се држел за раката на својот Отец и брзал по патеката испрскана со крв. Сите сатански напори да го совлада и да го победи, сè појасно го откривале неговиот беспрекорен карактер.

Цело небо, и световите што не паднале, биле сведоци на оваа борба. Со голем интерес ги следеле завршните сцени на овој судир. Го набљудувале Спасителот како влегува во Гетсиманската градина, неговата душа притисната со ужасот на големата темнина. Го чуле неговиот болен извик: „Оче мој! Ако е можно, нека ме одмине оваа чаша“ (Матеј 26,39). Кога Отецот се повлекол од неговата близина, го виделе жалосен во горчина на болка што ја надминувала онаа од последната голема борба со смртта. Од неговите пори избивала и капела на земјата крвава пот. Од неговите усни трипати се оттргнала молитва за ослободување. Небото не можело повеќе да ја поднесува оваа сцена и на Божјиот Син му е пратен весник да го утеши. (продолжува)

Pin It on Pinterest