(продолжува од претходниот ден) Небото го набљудувало преземањето на Жртвата од страна на убиствениот џган и малтретирањето од еден до друг суд придружено со исмевање и насилство. Слушнало кога неговите прогонувачи му се подбивале за неговото ниско потекло. Го слушнало откажувањето со клетва и со преколнување на еден од неговите најсакани ученици. Го видело гневното дело на сатаната и неговата моќ над човечките срца. Каква страшна сцена! Спасителот, фатен на полноќ во Гетсиманија, влечен насекаде од палатата до судницата, изведуван двапати пред свештениците, двапати пред Синедрионот, два пати пред Пилата и еднаш пред Ирода, исмеван, шибан, осуден и изведен да биде распнат, носејќи тежок крст среде тажење и редење на ерусалимските ќерки и подбивање на џганот.
Небото со болка и со восхит го набљудувало Христа како виси на крст, како тече крв од неговите ранети слепоочници и како крупни капки пот, обоена со крв, се тркалаат на неговото чело. Од неговите раце и нозе капела крв на карпата издлабена за подножје на крстот. Се ширеле раните направени со клиновите, зашто сега тежината на неговото тело почивала врз рацете. Неговото отежнато дишење станувало сè позабрзано, бидејќи неговата душа се тресела под товарот на гревот на светот. Цело небо било исполнето со восхит кога Христос среде ужасните страдања ја искажал својата молитва: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23,34). Па сепак, тука стоеле луѓе, создадени според Божјиот лик, кои се здружиле да го уништат животот на неговиот единороден Син. Каква сцена за вселената!
Управителите и властите на темнината биле собрани околу крстот, фрлајќи пеколна сенка на неверство во срцата на луѓето. Кога Господ ги создал овие суштества да стојат пред неговиот престол, биле прекрасни и славни. Нивната убавина и светост биле во хармонија со нивната највозвишена положба. Биле збогатени со Божја мудрост и опремени со сето небесно оружје. Тие биле слуги на живиот Бог. Но кој можел да го препознае меѓу паднатите ангели славниот серафим кој некогаш служел во небесните дворови?
Сатанските сили се обединиле со грешните луѓе поттикнувајќи го народот да поверува дека Христос е најголем грешник и дека поради тоа треба да се презира. Оние што го исмевале Христа додека висел на крстот биле исполнети со духот на првиот голем бунтовник. Тој ги исполнил со лоши и одвратни зборови и ги поттикнал да го навредуваат. Но со сето тоа не постигнал ништо.
Кога би се нашол каков и да е грев кај Христа, кога во што и да е би му подлегнал на сатаната со желба да го избегне страшното мачење, Божјиот и човеков непријател би славел победа. Христос ја приклонил главата и умрел, но цврсто се држел својата вера и за својата послушност кон Бога. „Чув силен глас на небото како зборува: Сега настапи спасението, силата и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, зашто е исфрлен клеветникот на нашите браќа кој ги клеветеше ден и ноќ пред нашиот Бог“ (Откровение 12,10).
Сатаната увидел дека неговата лага е разобличена. Пред безгрешните ангели и пред вселената е откриено неговото владеење. Се открил себеси како убиец. Пролевајќи ја крвта на Божјиот Син, загубил секаква наклоност кај небесните суштества. Од сега неговото дејствување е ограничено. Без оглед на држењето што би го покажал, тој не можел повеќе да ги дочекува ангелите додека доаѓаат од небесните дворови и пред нив да ги обвинува Христовите браќа како оние што се облечени во извалкани и осквернети со грев облеки. Така се прекинала последната алка на наклоност меѓу сатаната и небесниот свет.
Па сепак, сатаната тогаш не е уништен. Ниту тогаш ангелите не сфатиле што сè е опфатено со оваа голема борба. Начелата што биле во прашање требало многу појасно да се откријат. Заради човекот постоењето на сатаната морало да се продолжи. Човекот, како и ангелите, мора да ја уочат разликата меѓу Кнезот на светлината и кнезот на темнината. Тој мора да избере кому ќе му служи. (продолжува)