(продолжува од претходниот ден) Низ сите векови филозофите и учителите му давале на овој свет теории со кои сакале да ги задоволат потребите на душата. Секој многубожечки народ имал свои големи учители и верски системи што нуделе некое друго средство за спасение а не Христа, одвраќајќи ги очите на луѓето од лицето на Отецот и полнејќи ги нивните срца со страв од Оној што им давал само благослов. Тие настојувале да го лишат Бога од она што е негово и со создавањето и со откупувањето. Овие лажни учители исто така го лишуваат и човекот. Милиони човечки суштества робуваат на лажни религии во окови на ропски страв, на тапа рамнодушност, мачејќи се како товарни животни, лишени од надежта, од радоста и од вистинското право, живеејќи само со нејасен страв од иднината. Душата може да ја издигне само евангелието на Божјата милост. Размислувањето за Божјата љубов, објавена во неговиот Син, ќе го поттикне срцето и како ништо друго ќе ги издигне душевните сили. Христос дошол да го обнови Божјиот лик во човекот; и оној што ги одвраќа луѓето од Христа, ги одвраќа од изворот на вистинскиот развиток; тој со измама ги лишува од секоја надеж, од целта и од славата на животот. Тој е арамија и крадец.

„А оној што влегува низ вратата, тој е пастир на овците.“ Христос е врата и пастир. Тој влегува низ самиот себе. Со својата жртва Тој станал пастир на овците. „Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат неговиот глас. Тој ги вика по име и ги изведува. Кога ќе ги изведе, оди пред нив, а овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас.“

Од сите созданија овцата е едно од најплашливите и нај беспомошните, па на Истокот грижата на пастирот за стадото е неуморна и постојана.

Во старо време надвор од утврдените градови имало малку сигурност. Ограбувачите на скитничките погранични племиња или грабливите ѕверови од своите засолништа во карпите чекале во заседа да го пленат стадото. Пастирот будно внимавал на она што му е доверено, знаејќи дека со тоа го изложува својот живот на опасност. Јаков, кој ги чувал стадата на Лава на на хананските пасишта, опишувајќи го својот неуморен, макотрпен труд, рекол: „Дење ме убиваше жега, а ноќе студ, и сон не ми доаѓаше на очи“ (1. Мојсеева 31,40). Поради тоа и Давид,  пасејќи го стадото на својот татко, голо рак се судрил со лав и со мечка, спасувајќи го од нивната челуст грабнатото јагне.

Додека пастирот го води стадото преку карпести брекчиња, низ шуми и диви долини, на тревни засолништа крај реки, додека го чува во планините во текот на осамените ноќ и, штитејќи го од ограбувачи, нежно грижејќи се за болните и слабите во стадото, неговиот живот станува едно со нивниот. Цврстата и нежна поврзаност го соединува со созданијата за кои се грижи. Колку и да биде големо стадото, пастирот ја познава секоја овца. Секоја има свое име и на повикот на пастирот се оѕвива според своето име.

Како земниот пастир што го познава своето стадо, така и божествениот Пастир го познава своето стадо коешто е расеано низ цел свет. „Вие сте овци мои, овци на моето стадо, а јас сум Бог ваш, вели Господ, Господ.“ Исус вели: „Те повикав по име: ти си мој.“ „Сум те врежал на дланките”“ (Езекил 34,31; Исаија 43,1; 49,16).

Исус нè познава поединечно и трогнат е со чувството на нашата немоќ . Тој нè знае сите по име. Тој ја знае и куќата во која живееме, името на секој нејзин жител. Тој понекогаш им давал упатства на своите слуги да појдат во одредена улица, во одреден град, во таа и таа куќа, и да пронајдат една од неговите овци.

Секоја душа Исус совршено ја познава, како таа да е единствена за која Спасителот умрел. Неговото срце го трогнува болката на секоја душа. До неговото уво допира секое преколнување за помош. Тој дошол да ги привлече сите луѓе кон себе. Тој им заповеда: „Следете ме“, а неговиот Дух дејствува врз нивните срца да ги привлече кон него. Мнозина ја одбиваат можноста да бидат привлечени. Исус знае кои се тие. Тој исто така ги знае оние кои со задоволство го слушаат неговиот повик и се готови да дојдат под негова пастирска грижа. Тој вели: „Овците мои го слушаат мојот глас. Јас ги познавам, и тие одат по мене.“ Тој се грижи за секоја од нив како да не постои ниту една друга на целата земја.

„Тој ги вика по име и ги изведува… овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас.“ Пастирот на Истокот не ги тера овците. Тој не користи сила ниту страв, туку оди пред нив и ги вика. Така прави и Спасителот­-Пастир со своите овци. Писмото кажува: „Ти го водеше својот народ како стадо, со помош на раката на Мојсеја и Арона.“ Преку пророкот, Исус објавува: „Те љубам со вечна љубов, затоа постојано ти укажувам милост.“ Тој никого не го присилува да го следи. „Ги привлекував“, вели Тој, „со човечки врски, со врски на љубов“ (Псалм 77,20; Еремија 31,3; Осија 11,4). (продолжува)

Pin It on Pinterest