(продолжува од претходниот ден) Стравот од казна или љубовта кон вечна награда не е она што ги наведува Христовите ученици да го следат. Тие ја набљудуваат неспоредливата љубов на Спасителот, откриена низ неговиот престој на земјата, од јаслите во Витлеем до крстот на Голгота, а неговата појава ја привлекува, ја смекнува и ја покорува душата. Во срцето на оние што го набљудуваат се буди љубов. Тие го слушаат неговиот глас и го следат.

Како пастирот што оди пред своите овци, соочувајќи се прв со опасностите на патот, така прави и Христос со својот народ. „Кога ќе ги изведе овците, Тој оди пред нив.“ Патот кон небото е посветен со Христовите стапалки. Патеката може да биде стрма и нерамна, но Исус веќе поминал по неа; неговите стапалки ги изгазиле острите трње за да го сторат нашиот пат полесен. Секој товар што сме повикани да го понесеме ние, и самиот Тој го носел.

Иако сега се вознел на небото во Божје присуство, делејќи го престолот на вселената, Исус ништо не загубил од својата сочувствителна природа. Денеска истото нежно, сочувствително срце, е отворено за сите страдања на човештвото. Раката што била прободена, денеска е подадена за многу поизобилно да го благослови неговиот народ кој е на светот. „Никогаш нема да загинат и никој нема да ги отме од мојата рака.“ Душата што му се предала на Христа во неговите очи е подрагоцена од цел свет. Спасителот би поминал низ смртни маки на Голгота кога би бил во прашање само еден човек да се спаси за неговото царство. Тој никогаш нема да го напушти човекот за кого што умрел. Ако неговите следбеници не решат да го напуштат, Тој цврсто ги држи.

Во сите наши искушенија имаме сигурен Помошник. Тој нема да нè остави сами да се бориме со искушенијата, да се бориме со злото и на крај да бидеме скршени од товарот и тагата. Иако сега е скриено од очите на смртниците, увото на верата може да го чуе неговиот глас како зборува: Не бој се, јас сум со тебе  „Оној што живее; бев мртов, но еве, живеам во век векови“ (Откровение 1,18).

Јас ги поднесов вашите жалости, ги искусив вашите борби, се сретнував со вашите искушенија. Јас ги познавам вашите солзи, зашто и самиот јас плачев. Ги познавам болките кои се безмерно длабоки и кои не можат да му се доверат на ниедно човечко уво. Немојте да мислите дека сте напуштени и оставени. Иако вашата болка не трогнала ниту една чувствителна струна на некое срце на земјата, погледнете во мене и живејте. „Нека се поместат планините и нека се потресат горите, но љубовта моја нема да отстапи од тебе, ниту ќе се поколеба мојот завет на мирот, вели Господ кој ти е милостив“ (Исаија 54,10).

Колку што може пастирот да ги сака своите овци, Тој уште повеќе ги сака своите синови и ќерки. Исус не е само наш пастир, Тој е „Отец вечен“. Тој вели: „Јас ги познавам моите овци и моите овци ме познаваат мене. Како Отецот што ме познава мене и јас го познавам Отецот“ (Јован 10,14.15). Каква изјава единородниот Син, Тој, кој е во прегратките на Отецот, Тој, кого Бог го објавил како „човек, мој сродник“ (Захарија 13,7) со заедницата меѓу себе и вечниот Бог ја прикажува заедницата меѓу себе и неговите деца на земјата!

Исус нè сака затоа што сме подарок кој му го подарил неговиот Отец, награда за неговиот труд. Тој нè сака како свои деца. Читателе, Тој те сака. Небото не може да подари ништо поголемо, ништо подобро. Затоа имај доверба.

Исус мислел на душите во цел свет што ги завеле лажните пастири. Оние, за кои Тој копнее да ги собере како овци на своето стадо, се расеани меѓу волци. Затоа Тој рекол: „И други овци имам, кои не се од ова трло; и нив треба да ги доведам. Тие ќе го слушаат мојот глас и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јован 10,16).

„Отецот ме љуби затоа што јас го давам својот живот за повторно да го земам.“ Тоа значи дека мојот Отец толку ве сака вас, што уште повеќе ме сака мене затоа што го дадов животот за да ве спасам. Отецот ме милее мене затоа што станав ваша замена и сигурност, што, давајќи го мојот живот, ги земам вашите обврски, вашите престапи.

„Јас го давам својот живот за повторно да го земам. Никој не ми го одзеде, туку јас го давам сам од себе. Имам власт да го земам пак.“ Како член на човечкото семејство бил смртник, а како Бог извор на живот за светот. Тој можел да му се противстави на напливот на смртта и не морал да ѝ се потчини на нејзината власт, но доброволно го положил својот живот за да ги изнесе на виделина животот и бесмрт носта. Тој го понел гревот на светот, го поднел неговото проклетство, го положил животот како жртва за луѓето да не мораат да умираат засекогаш. „А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде на себе нашите немоќ и… За нашите гревови го прободоа него, беше сотрен за нашите опачности. Врз него падна казната заради нашиот мир, со неговите рани ние се исцеливме. Сите ние талкавме како овци и секој одеше по свој пат. А Господ ги положи врз него беззаконијата на сите нас“ (Исаија 53,4­6). (продолжува)

Pin It on Pinterest