(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, сцената бргу се изменила. Толпата се прибрала. Римските војници, свештениците и Јуда се собрале околу Христа. Изгледале усрамени од својата слабост и уплашени да не им побегне. Откупителот пак поставил прашање: „Кого го барате?“ Имале докази дека Оној што стои пред нив е Божји Син, но не го прифатиле осведочувањето. На прашањето „Кого го барате?“, пак одговориле: „Исуса Назареќанецот.“ Тогаш Спасителот рекол покажувајќи кон учениците: „Ви реков дека јас сум; и затоа, ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ Знаел дека верата им била слаба, па настојувал да ги заштити од искушението и неволјата. Бил готов да се жртвува за нив.

Предавникот Јуда не ја заборавил улогата што требало да ја одигра. Кога толпата влегла во градината, тој им бил водач, а него непосредно го придружувал првосвештеникот. На Исусовите прогонувачи им дал знак велејќи: „Оној што ќе го бакнам тој е, држете го!“ Сега се однесувал како да нема никаква врска со нив. Пристапувајќи му на Исуса, го зел за рака како близок пријател. Ословувајќи го: „Здраво, Учителе!“, го бакнал Исуса повеќепати и, како да плачел, се преправал дека го сожалува поради опасноста во која се наоѓа.

Исус му рекол: „Пријателе, зошто дојде?“ Неговиот глас треперел од жалост кога додал: „Јуда, зар со бакнеж го предаваш Синот човечки?“ Овој повик требало да ја разбуди совеста на предавникот и да го трогне неговото закоравено срце; но честа, верноста и човечката нежност го напуштиле. Стоел дрско и предизвикувачки, не покажувајќи никаква подготвеност да попушти. Му се предал на сатаната и немал повеќе сили да му се противстави. Исус не го одбил бакнежот на предавникот.

Толпата се охрабрила кога видела како Јуда го допира лицето кое само пред неколку мига било прославено пред нивните очи. Го фатиле Исуса и почнале да му ги врзуваат тие благородни раце што секогаш правеле само добро.

Учениците мислеле дека нивниот Учител нема да дозволи да го фатат. Истата сила која сторила овие луѓе да испопаѓаат како мртви можела и понатаму да ги држи немоќни сè додека Исус и неговите придружници не побегнат. Биле разочарани и огорчени кога ги виделе јажињата со кои почнале да ги врзуваат рацете на Оној што го сакале. Разлутениот Петар бргу го извадил мечот и се обидел да го брани својот Учител, но му го пресекол само увото на слугата на првосвештеникот. Исус видел што се случило, ги ослободил рацете, иако римските војници цврсто ги држеле, и рекол: „Престанете!“ Тогаш го допрел ранетото уво и тоа веднаш оздравело. А потоа му рекол на Петар: „Врати го мечот на неговото место, зашто сите што се фаќаат за меч од меч ќе загинат. Или мислиш дека јас не можам да го помолам мојот Отец да ми прати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели?“ За секој ученик една легија! О зошто, си мислеле учениците, не се спасува себеси и нас? Одговарајќи на нивната неискажана мисла, Тој додал: „Но како инаку би се исполниле Писмата, кои велат дека вака треба да биде?“ „Зар да не ја испијам чашата што ми ја даде Отецот?“

Достоинството на звањето на еврејските водачи не ги спречувало да им се придружат на Исусовите прогонувачи. Неговото фаќање било премногу важно за да им го доверат на потчинетите. Итрите свештеници и старешини им се придружиле на чуварите на редот во храмот и на толпата што го придружувала Јуда до Гетсиманија. Какво друштво било тоа за тие достоинственици соединети со џганот што копнеел за возбуди и бил вооружен со секакво оружје, како да гони диво животно!

Свртувајќи се кон свештениците и старешините, Христос ги гледал со прониклив поглед. Зборовите што ги изговорил ќе ги паметат сè додека се живи. Биле како остри стрели на Семожниот. Достоинствено рекол: „Нагрваливте со мечови и стапови, небаре сум разбојник! Кога бев секој ден во храмот, не кренавте рака на мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!“

Учениците се исплашиле кога виделе како Исус дозволува да го фатат и да го врзат. Биле навредени што морал да го поднесе ова свое и нивно понижување. Не можеле да го разберат неговото однесување и го обвинувале што ѝ се потчинил на светината. Во својата огорченост и страв, Петар предложил сами да се спасуваат. Прифаќајќи го овој предлог, „сите го оставија и побегнаа“. Но Христос го преткажал ова напуштање. „Еве“, рекол, „иде часот, и веќе нстапи, за да се раштркате секој на своја страна и да ме оставите сам; но сепак, не сум сам, зашто Отецот е со мене“ (Јован 16,32).

Pin It on Pinterest