(продолжува од претходниот ден) Кога решил, паднал како мртов на земјата од која делумно се подигнал. Каде биле сега неговите ученици нежно да ја придржат главата на својот премален Учител и да го измијат тоа чело кое навистина било наполно обезличено? Спасителот сам газел во кацата и ниеден човек не бил со него.

Но Бог страдал со својот Син. Ангелите ги набљудувале претсмртните маки на Спасителот. Го виделе својот Господ опкружен со легиони сатански сили, неговата природа оптоварена со ужасен, таинствен товар. На небото владеела нема тишина. Не е гибната ниту една харфа. Кога смртниците би можеле да ја видат вчудовиденоста на ангелските чети кои со тивка болка набљудуваат како Отецот својот сакан Син го лишува од зраците на светлината, од љубовта и славата, подобро би сфатиле колку е одвратен гревот во неговите очи.

Безгрешните светови и небесните ангели со големо интересирање го очекувале резултатот на овој судир. Сатаната и неговиот сојуз на злото, припадниците на отпаднатите легеони внимателно ја набљудувале оваа голема криза во делото на откупувањето. Силите на доброто и злото чекале да видат каков одговор ќе дојде на трипати повторената Христова молитва. Ангелите копнееле да ги олеснат страдањата на божественото Суштество што страда, но тоа не било можно. Не е пронајден никаков пат за избавување на Божјиот Син. Во оваа страшна криза, кога сè стоело пред таа одлука, кога во раката на Човекот на болката треперела таинствената чаша, се отворило небото, среде црната темнина на овој критичен час засветила светлина и пред Христа дошол и застанал силниот ангел кој стои во Божје присуство и ја зазема положбата од која паднал сатаната. Ангелот дошол не да ја земе чашата од Христовата рака, туку да го засили да ја испие, уверувајќи го во љубовта на Отецот. Дошол да му подари сила на божествено човечкиот Молител. Му го покажал отвореното небо, зборувајќи му за душите што ќе бидат спасени со неговите страдања. Го уверувал дека неговиот Отец е поголем и посилен од сатаната, дека неговата смрт ќе му нанесе целосен пораз на сатаната и дека царството на овој свет ќе им биде предадено на светците на Севишниот. Му рекол дека ќе го види трудот на својата душа и ќе биде задоволен, зашто ќе види мноштво припадници на човечкиот род спасени за сета вечност.

Христовите големи душевни страдања не престанале, но исчезнале премаленоста и обесхрабрувањето. Бурата не стивнувала, но Тој, врз кого таа се урнала, бил засилен да ѝ се противстави на нејзината жестокост. Излегол тивок и мирен. На неговото лице, извалкано со крв, почивал небесен мир. Го поднел она што ниедно човечко суштество не би можело да го поднесе, зашто вкусил претсмртни страдања за секој човек.

Заспаните ученици одненадеж ги разбудила светлината што го опкружувала Спасителот. Го виделе ангелот наведнат над Учителот кој бил на земја. Го виделе како ја подига главата на Спасителот на своите гради и покажува кон небото. Го чуле неговиот глас, како најслатка музика, како изговара зборови на утеха и надеж. Учениците се сетиле за сцената од Гората на преобразувањето. Се сетиле за славата што го опкружувала Исуса во храмот и за Божјиот глас кој зборувал од облакот. Сега повторно се открила истата слава и не се плашеле повеќе за својот Учител. Тој бил под Божја грижа; пратен е силен ангел да го заштити. Учениците повторно во својот умор ѝ подлегнале на необичната сонливост што ги совладувала. Исус пак ги нашол како спијат.

Гледајќи ги со тага, рекол: „Сè уште ли спиете и почивате. Еве, се наближи часот кога Синот човечки ќе биде предаден во рацете на грешниците.“

Уште додека ги изговарал овие зборови, ги слушнал чекорите на џганот што го барал, па продолжил: „Станете, да си одиме! Ете, наближи мојот предавник.“

Кога истапил да го пречека својот предавник, на Исуса не се виделе траги од неговата неодамнешна душевна борба. Стоејќи пред својот ученик, рекол: „Кого го барате?“ Одговориле: „Исуса Назареќанецот.“ Исус одговорил: „Јас сум.“ Кога ги изговорил овие зборови, ангелот, кој до пред малку му служел на Исуса, застанал меѓу него и толпата. Лицето на Спасителот го осветлила божествена светлина и над него се покажала силуета во вид на гулаб. Во присуство на оваа божествена слава, злосторнички настроената светина (џганот, толпата) не можела да стои ниту еден миг. Се повлекле. Свештениците, старешините, војниците, па дури и Јуда, паднале како мртви на земја.

Ангелот се повлекол и светлината исчезнала. Исус имал прилика да побегне, но останал мирен и присебен. Прославен стоел среде таа закоравена толпа што сега беспомошно лежела крај неговите нозе. Учениците набљудувале занемени од чудење и страв. (продолжува)

Pin It on Pinterest