Јован Крстителот прв го објавувал Христовото царство и бил прв што страдал. Од слободата што ја имал во пустината и од мноштвото што ги слушало неговите зборови, се нашол опкружен со ѕидови на затворска ќелија. Станал заробеник во тврдината на Ирод Антипа. Поголемиот дел од својата служба Јован ја поминал во областа источно од Јордан што била под управа на Антипа. И сам Ирод ги слушал проповедите на Крстителот. Распуштениот цар се тресел слушајќи го повикот на покајание. „Зашто Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е човек праведен и свет… Кога го слушаше, се збунуваше, но сепак радо го слушаше.“ Јован со него постапувал доследно, обвинувајќи ја неговата грешна врска со жената на неговиот брат, Иродијада. За извесно време Ирод немоќно се обидувал да ги раскине синџирите на страстите што го притискале, но Иродијада уште поцврсто го фатила во своите стапици, а на Крстителот му се одмаздила така што го навела Ирода да го фрли во темница.

Животот на Јована бил исполнет со трудољубива работа и затоа мракот на затворскиот живот и безделничењето тешко го притискале. Како поминувале седмиците, не донесувајќи никакви промени, во него полека се вовлекувале потиштеност и сомневање. Неговите ученици не го заборавиле. Ним им бил дозволен пристап во затворот, така што можеле да му донесуваат вести за Исусовите дела и да му кажат како народот го следи Исуса. Но поставувале прашање зошто овој нов учител, ако е Месија, не презема ништо за да го ослободи Јована. Како може да дозволи неговиот верен весник да биде лишен од слобода а можеби и од животот.

Овие прашања не биле безначајни. Го наведувале Јована на сомневања што инаку никогаш не би се појавиле. Сатаната се радувал слушајќи ги зборовите на овие ученици и гледајќи како тие ја рануваат душата на Господовиот весник. О колку често оние што себеси се сметаат за пријатели на добриот човек и што копнеат за тоа да му ја покажат својата верност, стануваат негови најопасни непријатели! Колку често нивните зборови го обесхрабруваат и го растажуваат наместо да ја засилуваат неговата вера!

Како и учениците на Спасителот, Јован Крстителот не ја сфатил природата на Христовото царство. Очекувал Исус да го заземе Давидовиот престол, и како времето поминувало, а Спасителот не барал никаква царска власт, Јован се збунил и се вознемирил. Тој му објавувал на народот дека мора да се исполни пророштвото на Исаија за да се приготви патот пред Господа; планините и бреговите мора да се спуштат, кривото да се исправи и нерамните места да се израмнат. Барал да се оборат високите места на човечката горделивост и моќ . Укажувал на Месија како Оној кој во рацете држи лопата и кој темелно ќе го исчисти своето гумно, кој темелно ќе го собере житото во своите амбари и кој ќе ја запали плевата со неугаслив оган. Како и пророкот Илија, во чијшто дух и сила дошол во Израел, Јован очекувал Господ да се открие како Бог кој одговара со оган.

Во својата задача Крстителот постојано и бестрашно ја карал неправдата, како во високите така и во ниските слоеви на народот. Се осмелил царот Ирод јасно да го соочи со укор поради гревот. Својот живот не го сметал толку драгоцен за да не може да ја исполни задачата што му била одредена. И сега, во својата темница очекувал Лавот од племето на Јуда да ја отфрли горделивоста на угнетувачите, да ги ослободи сиромасите и него кој пекал пред небото. Се чинело дека Исус се задоволувал со тоа да собира ученици, да лекува и да го поучува народот. Јадел на трпезите на цариниците, додека секој ден римскиот јарем сè потешко го притискал Израел; царот Ирод и неговата збеснета љубовница покажувале самоволие, а кон небото се издигнувал викот од сиромасите и ујадените.

На пророкот од пустината сето ова му се чинело како тајна што ја надминува неговата моќ на сфаќање. Имало мигови кога неговиот дух го мачеле шепотења од лошите духови, а над него се надвивала сенка на страшна плашливост. Дали е можно уште да не се појавил толку долго очекуваниот Ослободител? Тогаш што значела веста што чувствувал дека треба да ја објави? Јован бил горко разочаран со резултатот на својата задача. Очекувал веста од Бога да има исто влијание како читањето на законот во времето на Јосија и Ездра (2. Дневникот 34; Немија 8,9); дека ќе настапи дело на длабоко покајание и враќање кај Господа. За успехот на ваквата задача го жртвувал сиот свој живот. Дали тоа било напразно? (продложува)

Pin It on Pinterest