(продолжува од претходниот ден) Јован се вознемирил кога видел дека неговите ученици од љубов кон него негувале неверство кон Исуса. Дали неговиот труд за нив бил бесплоден? Дали бил неверен во својата задача па сега е оддалечен од работата? Ако ветениот Ослободител се појавил, а Јован е верен во својот позив, зар Исус нема да ја отфрли моќта на угнетувачите и да го ослободи својот весник?

Меѓутоа, Јован не се откажал од својата вера во Христа. Спомнувајќи си за гласот од небото и за слегувањето на гулабот, за неизвалканата Исусова чистота, за силата на Светиот Дух што се излеала врз него кога му се приближил на Спасителот и за сведоштвото на пророчките списи ­ сето тоа сведочело дека Исус од Назарет е Ветениот.

Јован не сакал да разговара со пријателите за своите грижи и сомневања. Решил да му испрати порака на Исуса и да го праша за тоа. Таа задача им ја доверил на двајца свои ученици, надевајќи се дека разговорот со Спасителот ќе ја утврди нивната вера и ќе им донесе цврста сигурност на нивните браќа. А и тој копнеел за некој Христов збор што ќе му биде упатен непосредно нему.

Учениците дошле кај Исуса со својата вест: „Ти ли си Оној кој треба да дојде, или да очекуваме друг?“

Малку време поминало откако Крстителот укажал на Исуса и изјавил: „Еве го Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот.“ „Тој е оној кој доаѓа по мене“ (Јован 1,29.27). А сега поставува прашање: „Ти ли си Оној кој треба да дојде?“ Тоа било необично горко и обесхрабрувачко за човечката природа. Ако верниот преттеча, Јован, не успеал да ја препознае Христовата мисија, што можело да се очекува од себичното мноштво?

Спасителот не одговорил веднаш на прашањето на учениците. Додека стоеле чудејќи се на неговото молчење, кај него доаѓале болни и бедни да ги излечи. Слепи пипајќи оделе по патот низ мноштвото, болни од сите општествени слоеви ­ некои сами си правеле пат, некои носени од пријателите ­ упорно се туркале околу Исуса. Гласот на моќниот Исцелител провирал во глувото уво. Зборовите и допирот на неговите раце ги отворале слепите очи за да ја видат виделината на денот, убавините во природата, лицата на пријателите и лицето на Избавителот. Исус ја укорувал болеста и ја истерувал треската. Неговиот глас допирал до увото на оние што умирале и тие станувале здрави и силни. Фатените што биле опседнати со лоши духови ги послушале неговите зборови, нивната малоумност ги напуштила и тие го обожавале. Додека ги лекувал нивните болести, го учел народот. Сиромашните селани и работниците, кои рабините ги одбегнувале како нечисти, се собирале околу него и Тој им зборувал зборови што водат во вечен живот.

Така поминал денот и Јовановите ученици виделе и чуле сè. Најпосле Исус ги повикал кај себе и им рекол да одат и да му кажат на Јована што виделе, додавајќи: „Блазе на оној кој не ќе се соблазни од мене“ (Лука 7,23). Доказ за неговото божество се видел во прилагодувањето кон потребите на човештвото што страдало. Неговата слава се покажала во неговото прифаќање на нашата понижена положба.

Учениците ја однеле веста и тоа било доволно. Јован си спомнал за пророштвото за Месија: „Зашто ме помаза Господ, ме прати да им донесам радосна вест на сиромасите, да ги исцелам скршените срца; на заробените да им навестам слобода и на затворените ослободување; да прогласам година на Господова милост“ (Исаија 61,1.2). Христовите дела не само што објавувале дека Тој е Месија, туку покажувале на кој начин ќе се воспостави неговото царство. На Јована му е откриена истата вистина што му е дадена на Илија во пустината кога „Пред Господа настана силен виор, толку силен што преполовуваше планини и дробеше карпи, но Господ не беше во лунавиот виор; по лунавиот виор настана потрес, но Господ не беше во потресот; а по потресот дојде оган, но Господ не беше во огнот“, а по огнот Господ му зборувал на пророкот со тивок и „тенок“ глас (1. Царевите 19,11.12). Така Исус требало да ја изврши својата задача, не со ѕвекот на оружје и со уривање на престоли и царства, туку зборувајќи им на човечките срца со својот живот на милосрдие и самопо жртвуваност.

Начелото на самооткажување што го застапувал Крстителот било начело на царството на Месија. Јован добро знаел колку сето ова е далеку од начелата и надежите на израелските водачи. Она што за него било уверлив доказ за Христовото божество, нема да биде никаков доказ за нив. Тие очекувале Месија кој не е ветен. Јован видел дека мисијата на Спасителот кај нив може да предизвика само омраза и осуда. Тој, преттеча, морал да ја пие чашата што ќе мора да ја испие Христос до дно. (продолжува)

Pin It on Pinterest