(продолжува од претходниот ден) Со дарот на Светиот Дух учениците ќе примат извонредна сила. Нивното сведоштво требало да биде потврдено со знаци и со чуда. Чуда ќе прават не само апостолите, туку и оние што ќе ја прифатат нивната вест. Исус рекол: „Оние што ќе поверуваат, ќе ги придружуваат чуда: во мое име ќе истеруваат демони, ќе зборуваат нови јазици, ќе фаќаат змии, дури и ако испијат нешто смртоносно нема да им наштети: ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат“ (Марко 16,17.18).

Труењето во тоа време била честа појава. Несовесните луѓе не се двоумеле на овој начин да ги отстранат оние што стоеле на патот на нивното властољубие. Исус знаел дека со тоа ќе биде загрозен животот на неговите ученици. Мнозина ќе сметаат дека на Бога му вршат служба ако ги убијат неговите сведоци. Затоа Тој им ветил заштита од оваа опасност.

Учениците ќе ја имаат истата сила што ја имал Исус да лекуваат „секаква болест и секаква немош меѓу народот“. Со лекувањето на болестите на телото во негово име ќе сведочат за неговата сила да ја лекува душата (Матеј 4,23; 9,26). Сега им е ветен еден нов дар. Требало да проповедаат меѓу други народи, па затоа ќ е добијат сила да зборуваат други јазици. Апостолите и нивните помошници биле необразовани луѓе, но со излевањето на Духот на денот Педесетница нивниот говор, било мајчин или странски, станал чист, едноставен и правилен како во изразот така и во изговорот.

Така Христос на своите ученици им дал налог. Тој извршил целосна подготовка за продолжување на делото и лично ја презел одговорноста за неговиот успех. Сè додека ја слушаат неговата реч и работат поврзано со него, тие не можат да доживеат неуспех. Одете кај сите народи, им заповедал. Одете до најоддалечените краишта на земјата, и знајте дека таму ќе бидам со вас. Работете со вера и со доверба, зашто никогаш нема да ве напуштам.

Налогот на Спасителот ги опфаќа сите верници. Тој до крајот на времето ги опфаќа сите што веруваат во Христа. Судбоносна е грешката да се мисли дека делото на спасувањето на душите зависи само од ракоположениот проповедник. Евангелието им е доверено на сите што ќе добијат вдахновение од Небото. Сите што го примаат Христовиот живот се одредени да работат врз спасувањето на своите ближни. Црквата е основана за таква работа и сите што преземаат врз себе свет завет се обврзуваат да станат Христови соработници.

„Духот и невестата велат: ‘Дојди!’ И кој ќе чуе, нека каже: ‘Дојди!’“ (Откровение 22,17). Секој што ќе чуе треба да го повторува овој повик. Без оглед каков е човековиот позив во животот, негова прва задача треба да биде задобивање на души за Христа. Тој можеби нема да биде способен да зборува на собири, но може да работи за поединци. Ним може да им ги пренесува поуките што ги примил од својот Господ. Проповедничката служба не се состои само од проповедање. Проповедничка служба вршат оние што им ги олеснуваат страдањата на болните и неволниците, помагајќи им на ујадените, тешејќи ги потиштените и маловерните. Близу и далеку се наоѓаат души оптоварени со чувство на вина. Човечкиот род не го понижуваат неволјите, макотрпната работа и сиромаштвото. Него го понижува вината и злото што го прави. Тоа донесува немир и незадоволство. Христос сака неговите слуги да им служат на душите што заболеле од грев. (продолжува)

Pin It on Pinterest