(продолжува од претходниот ден) Учениците биле повикани да го почнат своето дело таму каде што се наоѓале. Не смееле да го заобиколат најтврдото поле како и она што најмалку ветувало. Исто така и секој од Христовите работници треба да почне да работи таму каде што се наоѓа. Можеби во нашите сопствени семејства се наоѓаат души што жеднеат за сочувство, умирајќи од глад во недостиг од леб на животот. Можеби постојат деца што треба да се одгледуваат за Христа. Постојат незнабошци крај самите наши врати. Да ја извршуваме верно работата што ни е најблиска. Потоа нашите напори нека се прошират сè дотаму додека нè води Божјата рака. Работата на мнозина може да се чини ограничена со околностите; но без оглед каде се врши, ако се врши со вера и трудољубиво, таа ќе се почувствува до најоддалечените делови на светот. Христовото дело на земјата се чинело како да е ограничено на едно тесно подрачје, но мноштво од сите земји ја слушнале неговата вест. Бог често употребува наједноставни средства да постигне најголеми резултати. Негов план е секој дел на неговата работа да зависи од секој друг дел, како во тркалото кое дејствува хармонично. Најпонизниот работник, поттикнат од Светиот Дух, ќе ги допре невидливите струни чиишто треперења ќе се одгласуваат до сите земни краишта и ќе се слеат во песна низ вечните времиња.

Но налогот: „Одете по сиот свет“ не смее да се загуби од вид. Повикани сме да го подигнеме погледот кон пределите на другата страна. Христос го урнал ѕидот на разделбите, ги урнал предрасудите за поделби меѓу народите и упатил кон љубов спрема целото човечко семејство. Тој ги подига луѓето од тесниот круг што ја одредува нивната себичност. Тој ги укинува сите огради и вештачки разлики во општеството. Тој не прави никаква разлика меѓу соседите и странците, меѓу пријателите и непријателите. Тој нè учи секоја душа што е во неволја да ја сметаме за свој брат, а светот за свое поле на работа.

Кога Спасителот рекол: „Одете и сите народи сторете ги мои ученици“, Тој додал: „Оние што ќе поверуваат, ќе ги придружуваат чуда: во мое име ќе истеруваат демони, ќе зборуваат нови јазици, ќе фаќаат змии, дури и ако испијат нешто смртоносно нема да им наштети: ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.“ Ветувањето било исто толку далекусежно колку и налогот. Не му се даваат сите дарови на секој верник. Духот „му разделува секому како што сака“ (1. Коринќаните 12,11). Но даровите на Духот му се ветени на секој верник според неговата потреба во Господовото дело. Ветувањето е исто толку цврсто и сигурно денеска како што било во времето на апостолите. „Оние што ќе поверуваат ќе ги придружуваат чуда.“ Тоа е предимство за Божјите деца и верата треба да се зацврсти во сè што е можно да се прими со вера. (продолжува)

Pin It on Pinterest