(продолжува од претходниот ден) Ана бил замолкнат со решителниот одговор. Плашејќи се Христос да не каже нешто за неговиот начин на работа што тој внимателно го чувал во тајност, овојпат не рекол ништо повеќе. Еден од неговите службеници се разгневил кога видел дека Ана бил замолкнат и му удрил на Исуса шлаканица, велејќи: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“
Христос благо одговорил: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо, а ако реков добро, зошто ме удираш?“ Не изговорил остри реваншистички зборови. Неговиот благ одговор произлегол од безгрешното, стрпливо и нежно срце што не можело да биде предизвикано.
Навредите и подбивањата на Христа му нанесувале големи страдања. Од рацете на суштествата што ги создал и за кои поднесувал бескрајна жртва примил секаков срам. Страдал сразмерно на совршенството на својата светост и на омразата кон гревот. Му суделе луѓе кои дејствувале како злосторници и тоа за него претставувало постојана жртва. За него било страшно да се најде опкружен со човечки суштества под власт на сатаната.
Знаел дека само за миг, само со еден блесок на својата божествена сила, можел да ги положи своите свирепи мачители во прав. Истрагата тоа му го правела уште потешко.
Евреите очекувале Месија што ќе се открие со надворешен сјај. Очекувале со еден блесок на семоќната волја да го измени токот на човечките мисли и да ги присили да ја признаат неговата врховна власт. Верувале дека со тоа ќе си обезбедат свое издигнување и ќе ги задоволат своите славољубиви надежи. Додека го презирале, Христос бил во големо искушение да го открие својот божествен карактер. Со еден збор, со еден поглед, можел своите прогонувачи да ги присили да признаат дека Тој е Господ над царевите и поглаварите, над свештениците и храмот. Тешка била задачата да ја задржи положбата што ја избрал кога се изедначил со човечкиот род.
Небесните ангели биле сведоци за секое дело сторено против нивниот сакан Заповедник. Топло сакале да го ослободат Христа. Под Божја управа ангелите се семожни. Слушајќи ја Христовата заповед, една ноќ ја уништиле асирската војска од сто осумдесет и пет илјади луѓе. Со каква леснотија ангелите, набљудувајќи ги срамните сцени на Христовото судење, би можеле своето негодување да го покажат со уништување на Божјите непријатели! Но не им е заповедано да сторат така. Оној што би можел да ги осуди своите непријатели на смрт, ја поднесувал нивната свирепост. Неговата љубов кон Отецот и неговото свечено ветување дадено од создавањето на светот, дека ќе стане носител на гревот, го повеле без мрморење да ја поднесе суровата постапка на оние што дошол да ги спаси. Дел на неговата мисија било во својата човечка природа да поднесе подбивање и малтретирање со кои луѓето можеле да го опсипат. Единствената надеж на човечкиот род лежела во тоа Христос да го прифати сè она што морал да го прифати од човечките раце и срца.
Христос не рекол ништо што би можело да им даде некакво предимство на неговите тужители, но сепак бил врзан за да се покаже дека го сметаат за виновен. Секако, морало да постои привидна правда. Било неопходно да постои форма на законито судење. Властите решиле тоа да го забрзаат. Знаеле колку народот го цени Исуса, па се плашеле некој да не се обиде да го ослободи ако се разнесе вест за апсењето. Исто така, ако пресудата и нејзиното извршување не се остварат веднаш, би морале да се одложат една седмица поради празникот Пасха. Тоа би можело да ги осуети нивните намери. За да издејствуваат пресуда за Исуса, во голема мера зависеле од викотот на мноштвото што претежно го сочинувал џганот од Ерусалим. Ако би настапило одложување од една седмица, возбудувањето би стивнало, а тоа веројатно би предизвикало противење. Подобриот дел на народот би бил поттикнат да застане на Христова страна; мнозина би истапиле сведочејќи во негова одбрана, изнесувајќи ги на виделина славните дела што ги сторил. Тоа би поттикнало народен гнев против Синедрионот. Нивните постапки би биле осудени, а Исус ослободен да прими нова почит од мноштвото. Затоа, пред да се дознае за нивната намера, свештениците и поглаварите решиле Исус да биде предаден во рацете на Римјаните.
Но пред сè мора да се пронајде обвинување. До сега не пронашле ништо. Ана наредил Исус да се одведе кај Кајафа. Кајафа им припаѓал на садукеите, од кои некои биле најлути Исусови непријатели. Самиот тој, иако со слаб карактер, бил исто така свиреп, бездушен и безобѕирен како и Ана. Тој нема да бира средства да го уништи Исуса. Сега веќе било рано утро и мошне мрачно; со светлина на факли и светилки вооружената толпа со својот Заробеник се движела кон дворот на поглаварот свештенички. Овде, додека се собирале членовите на Синедрионот, Ана и Кајафа повторно го испитувале Исуса, но без успех. (продолжува)