(продолжува од претходниот ден) Кога советот се собрал во судницата, Кајафа го зазел своето место на претседавач. И од едната и од другата страна биле судии и оние што посебно се интересирале за судењето. Римските војници стоеле на платформата под престолот. Во подножјето на престолот стоел Исус. Погледите на целото мноштво биле насочени кон него. Сите биле мошне возбудени. Од целото ова мноштво само Тој бил мирен и прибран. Самата атмосфера што го опкржувала како да била исполнета со свето влијание.
Кајафа во Исуса видел свој соперник. Подготвеноста на народот да го слуша Спасителот и видливата готовност да ги прифати неговите учења, предизвикале горка завист кај поглаварот свештенички. Но, додека го набљудувал Затвореникот, Кајафа му се восхитувал на неговото благородно и достоинствено држење. Го проникнало осведочување дека овој човек навистина бил сличен на Бога. Следниот миг со презир ја отфрлил таа мисла. Со подбивен и горделив глас барал од Исуса веднаш пред нив да стори некое од своите силни чуда. Меѓутоа, неговите зборови како да не допирале до ушите на Спасителот. Присутните го споредувале возбуденото и злобно држење на Ана и Кајафа со благото и достоинствено Исусово однесување. Дури и во мислите на ова закоравено мноштво воскреснало прашањето: Зар овој човек со божествена појава ќе биде осуден како злосторник?
Забележувајќи го влијанието што преовладало, Кајафа го забрзувал судењето. Исусовите непријатели ги зафатила голема бркотија. Решиле да издејствуваат пресуда за него, но не знаеле како да го постигнат тоа. Членовите на Советот биле поделени на фарисеи и садукеи. Меѓу нив владеела жестока омраза и судир; не се осмелувале да се приближат кон некои спорни точки од страв да не се скараат. Со неколку зборови Исус можел да ги поттикне нивните меѓусебни предрасуди и со тоа да го одврати нивниот гнев од себе. Кајафа го знаел тоа, па сакал да ги избегне судирите. Постоело мноштво сведоци што можеле да потврдат дека Христос ги обвинувал свештениците и закониците, дека ги нарекувал лицемери и убијци; но ваквото сведоштво не било погодно за изнесување. Со истиот јазик се служеле садукеите во своите остри расправии со фарисеите. Таквото сведоштво не би имало никаква вредност за Римјаните кои и самите чувствувале одвратност од преправањето на фарисеите. Постоело мноштво докази дека Исус не се осврнувал на еврејските преданија и дека со непочитување зборувал за многу нивни уредби, но во врска со преданијата фарисеите и садукеите биле во остро непријателство, па и овој доказ не би имал никаква вредност за Римјаните. Христовите непријатели не се осмелувале да го обвинат за прекршување на саботата, зашто истрагата би го открила карактерот на неговото дело. Кога би се зборувало за неговите чуда на исцелување, вистинската цел на свештениците би била осуетена.
Поткупени се лажни сведоци да го обвинат Исуса за поттикнување на бунт за воспоставување на независно владеење. Меѓутоа, нивното сведочење се покажало несигурно и противречно. При истрагата ги побивале своите сопствени тврдења.
Христос на почетокот од својата служба рекол: „Урнете го овој храм, и за три дена пак ќе го подигнам.“ Со сликовит пророчки јазик Тој така ја преткажал својата сопствена смрт и своето воскресение. „Но Тој зборуваше за храмот на своето тело“ (Јован 2,19.21). Овие зборови Евреите ги сфатиле во буквална смисла, како да се однесуваат на храмот во Ерусалим. Од сето она што го зборувал Христос, свештениците не можеле да пронајдат ништо што би можеле како ова да го искористат против него. Со лажно толкување на овие зборови се надевале дека ќе стекнат некакво предимство. Римјаните се вклучиле во повторното изградување и разубавување на храмот, па со тоа многу се гордееле; секое презирање кон него ќе предизвика и нивно негодување. Овде можеле да се согласат Римјаните и Евреите, фарисеите и садукеите, зашто сите многу го почитувале храмот. За ова пронашле двајца сведоци чиешто сведоштво не било толку противречно како што било сведочењето на другите. Едниот од нив, што го поткупиле да го обвини Исуса, изјавил: „Овој рече: ‘Можам да го урнам Божјиот храм и пак да го изградам за три дена.’“ На тој начин Христовите зборови погрешно се прикажани. Кога би биле прикажани точно онака као што ги изговорил Тој, тогаш не би можел да биде осуден дури ни од Синедрионот. Кога Исус би бил само човек, како што тврделе Евреите, неговата изјава би означила само неразумен, фаленички дух, но не би можела да биде претворена во богохулење. Иако лажните сведоци наполно погрешно ги прикажале неговите зборови, тие не содржеле ништо што Римјаните би го сметале за злосторство кое заслужува смрт. (продолжува)