(продолжува од претходниот ден) „Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.“ Овој свет е пространа болница, но Христос дошол да ги лекува болните, да им објави слобода на робовите на сатаната. Во него имало здравје и сила. Тој им го давал својот живот на болните, на неволниците, на оние со кои владееле лошите духови. Не вратил ниеден што дошол да прими негова исцелувачка сила. Знаел дека тие што го молеле за помош самите на себе ја навлекле болеста; но сепак, не одбил да ги исцели. А кога чудотворната сила влегла во овие несреќни души, тие станале осведочени за гревот и многу од нив биле излекувани од своите духовни, како и од телесните болести. Евангелието сè уште ја поседува истата сила, па тогаш зошто денеска не сме сведоци на исти резултати?

Христос го чувствува јадот на секој неволник. Христос го чувствува проклетството кога лошите духови раскинуваат некое човечко тело. Тој чувствува смртни маки кога болеста ја исцрпува животната сила. И денеска Тој е исто толку подготвен да го исцели болниот како и тогаш кога бил лично на земјата. Христовите слуги се негови претставници, канали на неговото дело. Тој сака преку нив да ја употреби својата исцелувачка сила.

Во начинот на исцелување на Спасителот се наоѓала поука за неговите ученици. Еднаш му ги измачкал со кал очите на еден слеп човек и му заповедал: „Оди измиј се во Силоамската бања… Слепецот отиде, се изми и се врати гледајќи“ (Јован 9,7). Исцелувањето можело да се изврши само со силата на големиот Исцелител, но Христос сепак користел едноставни средства од природата. Иако не го поддржувал лекувањето со лекови, Тој одобрил да се употребуваат едноставни и природни лекови.

На многу болни што биле исцелени, Христос им рекол: „Не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо“ (Јован 5,14). На тој начин дал поука дека болеста е последица на кршењето на Божјиот закон, како природниот така и духовниот. Кога луѓето би живееле во согласност со планот на Творецот, во светот не би постоела големата беда.

Христос му бил водач и учител на стариот Израел и Тој го поучувал дека здравјето е награда за послушноста кон Божјите закони. Големиот Лекар, кој ги исцелил болните во Палестина, му зборувал на својот народ од столб од облак, учејќи го што мора да стори тој и што сака Бог да стори за нив. „Ако сесрдно го слушаш гласот на својот Господ Бог, правејќи што е право во неговите очи; ако го насочуваш увото кон неговите заповеди и ако ги држиш неговите закони, нема да ви пуштам ниту една болест од болестите што ги пуштив на Египќаните; зашто јас сум Господ, кој те лекува“ (2. Мојсеева 15,26).

Христос му дал на Израел подробни упатства за неговиот секој дневен живот и свечено им ветил: „Господ ќе отстрани од тебе секоја болест“ (5. Мојсеева 7,15). Кога ги исполниле условите, ветувањето им е потврдено: „Во нивните племиња немаше болни“ (Псалм 105,37).

Овие поуки се однесуваат и на нас. Постојат услови што треба да ги исполнат сите што сакаат да го сочуваат здравјето. Сите треба да ги запознаат тие услови. Господ не е задоволен со непознавањето на неговите закони, било природните или духовните. Во заедница со Бога треба да настојуваме да го обновиме здравјето на телото и душата.

Ние треба да ги поучуваме другите како треба да го сочуваат или да го повратат здравјето. За болните треба да употребуваме лекови што ги обезбедил Бог во природата и да ги насочиме кон Оној кој единствено може да ги излекува. Наша задача е во прегратките на нашата вера да му ги предадеме болните и оние што страдаат заради него. Ние треба да ги поучиме да веруваат во големиот Исцелител. Треба да се потпреме врз неговите ветувања и да го молиме за манифестација на неговата сила. Обновувањето е вистинска суштина на евангелието и Спасителот сака на болните, на безнадежните и несреќните да им кажеме да се држат за неговата сила. (продолжува)

Pin It on Pinterest