(продолжува од претходниот ден) Христовите весници, Јаков и Јован, биле мошне лути поради навредата нанесена на нивниот Господ. Биле исполнети со оправдан гнев затоа што Самарјаните постапиле така грубо со него кој ги почестил со своето присуство. Тие неодамна биле со него на гората на преображението и го виделе прославен од Бога и почитуван од Мојсеја и Илија. Ваквото непочитување, какво што покажале Самарјаните според нивното мислење не смее да помине без видлива казна.

Кога дошле кај Исуса, му ги пренеле зборовите на народот, известувајќи го дека го лишиле дури и од преноќиште. Сметале дека му е нанесено големо зло и, гледајќи ја во далечината гората Кармил, на која Илија ги погубил лажните пророци, рекле: „Господе, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби?“ Биле изненадени кога виделе дека Исуса го заболеле нивните зборови, и уште повеќе изненадени од неговиот укор што стигнал до нивните уши: „Не знаете со каков дух сте. Синот човечки не дојде да ги уништи човечките животи, туку да ги спаси.“ Отишол во друго село.

Во ниеден дел од својата мисија Христос не ги присилувал луѓето да го примат. Сатаната и луѓето, поттикнати со сатански дух, вршат насилство над совеста. Луѓето кои се во сојуз со лошите ангели, со лажна ревност за правда им нанесуваат страдања на своите ближни за да ги задобијат за своите верски замисли; но Христос секогаш покажува милост, секогаш се стреми да задобие откривајќи ја својата љубов. Тој не може да му дозволи пристап кон душата на ниеден соперник ниту пак може да прифати делумна служба; Тој сака само доброволна служба, доброволна преданост на срцето поттикната од љубов. Не постои поочигледен доказ дека имаме сатански дух од склоноста да ги повредиме и уништиме оние што не го ценат нашиот труд или што дејствуваат спротивно на нашите замисли.

Секое човечко суштество со телото, со душата или со духот е Божја своина. Христос умрел да ги откупи сите. Ништо не може да биде повеќе навредливо за Бога отколку кога луѓето во верскиот занес им нанесуваат страдања на оние што се откупени со крвта на Спасителот.

„Исус замина оттаму и дојде во пределите на Јудеја, отаде Јордан; и пак народот му се придружи, а Тој повторно ги поучуваше, според својот обичај“ (Марко 10,1).

Значителен дел од последните месеци на својата служба Христос поминал во Переја, покраина „отаде Јордан“, спроти Јудеја. И овде мноштвото го следело во стапка, како на почетокот на неговата служба во Галилеја, а Тој им го повторувал поголемиот дел од своето поранешно учење.

Како што ги пратил дванаесеттемина, така избрал уште „седумдесетмина други и ги прати, по двајца, пред себе во секој град и во секое место каде што сакаше да појде“ (Лука 10,1). Овие ученици биле извесно време со него, приготвувајќи се за својата работа. Кога дванаесеттемина биле пратени на својата прва самостојна задача, на патот низ Галилеја Исуса го следеле други ученици. На тој начин имале предимство интимно да се дружат со него и непосредно да примаат упатства. Сега овој поголем број ученици исто така требало да појдат на посебна задача.

Упатствата дадени на седумдесеттемина биле слични на оние што им се дадени на дванаесеттемина, но заповедта на дванаесеттемина да не влегуваат во некој незнабожечки или самариски град не им е дадена на седумдесеттемина. Иако Самарјаните пред малку го отфрлиле Исуса, неговата љубов кон нив останала неизменета. Кога седумдесеттемина пошле во негово име, најпрво ги посетиле самариските градови.

Личната посета на Спасителот на Самарија и подоцнежните пофалби на милостивиот Самарјанец, како и благодарната радост на лепрозниот Самарјанец, кој сам од десеттемина се вратил да му заблагодари на Христа, имале големо значење за учениците. Поуката длабоко се врежала во нивните срца. Во својот налог што го дал токму пред своето вознесение, Исус ја споменал Самарија а и Ерусалим и Јудеја како места во кои треба најпрво да го проповедаат евангелието. Неговото поучување ги приготвило за извршување на овој налог. Кога дош­ле во Самарија во име на својот Учител, нашле народ подготвен да ги прими. Самарјаните чуле за Христовите пофални зборови и за неговите дела на милосрдие кон луѓето од нивниот народ. Увиделе дека, наспроти нивните груби постапки кон него, Тој за нив негувал само мисли полни со љубов и тоа ги задобило нивните срца. По неговото вознесение, со добредојде ги поздравиле весниците на Спасителот и учениците ја собрале драгоцената жетва меѓу оние што некогаш биле нивни најогорчени непријатели. „Тој не крши напукната трска, ниту гаси фитилче што тлее; суди верно според правдата.“ „А народите ќе се надеваат на неговото име“ (Исаија 42,3; Матеј 12,21). (продолжува)

Pin It on Pinterest