(продолжува од претходниот ден) Праќајќи ги седумдесеттемина, Исус им заповедал, како што им заповедал и на дванаесеттемина, да не се наметнуваат со своето присуство таму каде што не се добредојдени. „Ако пак влезете во некој град и не ве примат“, рекол Тој, „излезете на неговите улици и речете: ‘И правот од вашиот град, што се залепил на нашите нозе, ви го истресуваме.’ Но знајте го ова  Божјето царство се приближи.“ Тоа не треба да го прават огорчени или со повредена чест, туку за да покажат колку е жално да се отфрли Господовата вест или неговите весници. Да се отфрлат Господовите слуги значи да се отфрли лично Христос. „Ви велам“, додал Исус, „полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.“ Тогаш неговите мисли се навратиле на галилејските градови во кои поминал значителен дел од својата служба. Извикнал со жалосен глас: „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Сидон беа извршени моќните дела што се случија кај вас, веќе одамна би се покајале облечени во вреќишта и во пепел. Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на судот, отколку вам. А ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? До адот ќе бидеш спуштен.“

На тие прометни градови околу Галилејското Езеро изобилно им биле понудени најбогати небесни благослови. Постојано Кнезот на животот навраќал и си заминувал од нив. Божјата слава, за која копнееле да ја видат пророците и царевите, засветила над мноштвото кое во стапка го следело Спасителот. Сепак го одбиле небесниот Дар.

Со желба да покажат дека се многу умни, рабините го предупредиле народот да не ја прифаќа новата наука што ја учи овој нов Учител, зашто неговите теории и постапки се во спротивност со учењата на нивните татковци. Народот имал доверба во учењето на свештениците и фарисеите, наместо да се труди сам да ја проучува и да ја разбере Божјата реч. Ги почитувале свештениците и поглаварите наместо да го почитуваат Бога и ја отфрлале вистината за да можат да ги одржат своите преданија. Мнозина биле одушевени со Христовата наука и речиси уверени во нејзината исправност, но не дејствувале според своето осведочување и не се вбројувале меѓу Христовите следбеници. Сатаната напаѓал со своите искушенија сè додека светлината не личела на темнина. На тој начин мнозина ја отфрлиле вистината што би ги спасила.

Верниот Сведок кажува: “Еве стојам пред врата и тропам“ (Откровение 3,20). Секоја опомена, укор и сесрдна молба во Божјата реч или преку неговите весници претставува тропање на вратата на срцето. Тоа е Исусов глас кој бара да влезе. Со секое тропање на кое не се одговара, наклоноста да се отвори станува послаба. Ако денеска се занемари дејството на Светиот Дух, тоа утре нема да биде толку силно. Срцето станува помалку приемчиво и запаѓа во гибелна несвесност за краткоста на животот и за непоминливата вечност зад тоа. Нашата осуда на судот нема да произлезе од фактот што сме биле во заблуда, туку од фактот дека сме ги занемариле приликите што ни ги праќало Небото да научиме што е вистина.

Како и апостолите, седумдесеттемина примиле натприродни дарови како белези на својата служба. Кога нивната работа била завршена, се вратиле радосно, зборувајќи: „Господе, дури и демоните ни се покоруваа во твое име.“ Исус одговорил: „Го гледав сатаната како падна од небото како молња.“

На Исусовиот дух му се прикажани сцените од минатото и од иднината. Прво го видел Луцифера како бил фрлен од небото. Однапред ги набљудувал сцените на своите смртни маки, кога пред сите светови ќе биде откриен карактерот на измамникот. Го чул извикот „Се сврши“ (Јован 19,30), со кој се објавува дека засекогаш е осигурано откупувањето на човечкиот род, дека небото засекогаш е одбрането од обвинувањата, од измамите и од лагите што ги поттикнувал сатаната.

Преку крстот на Голгота, со неговите смртни маки и со неговиот срам, Исус однапред го видел големиот последен ден во кој кнезот на силите на темнината ќе доживее свое уништување на земјата толку долго уназадувана со неговиот бунт. Исус го гледал засекогаш завршеното дело на злото и Божјиот мир што ги исполнува небото и земјата.

Затоа во иднина Христовите следбеници треба да го гледаат сатаната како победен непријател. На крстот Исус требало за нив да извојува победа; оваа победа сакал да ја прифатат како своја лична победа. „Ете“, рекол, „ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest