Најпосле Исус починал. Долгиот ден на срам и мачење е завршен. Додека последните зраци на сонцето при залез објавувале дека настапува сабота, Божјиот Син мирно почивал во гробот на Јосифа. Со довршено дело и со раце прекрстени во мир, се одморал во светите часови на саботниот ден.

Во почетокот, по своето дело на создавањето, Отецот и Синот се одморале во сабота. Кога „се доврши небото и земјата и сета нивна војска“ (1. Мојсеева 2,1), Творецот и сите небесни суштества се радувале набљудувајќи ја славната сцена. Тогаш „пееја заедно утринските ѕвезди и триумфираа сите Божји синови“ (Книгата за Јов 38,7). Сега Исус се одморал од делото на откупувањето па, иако владеела жалост меѓу оние што го сакале на земјата, на небото се орела радост. Славно било ветувањето за иднината во очите на небесните суштества. Обновеното создавање, откупувањето на човечкиот род, кој го победил гревот и кој никогаш повеќе не може да падне тоа го виделе Бог и ангелите како плод на Христовото дело. Со оваа сцена засекогаш е поврзан денот на Исусовиот одмор. Зашто неговото „дело е совршено“ и „сè што прави Бог е ко нечно“ (5. Мојсеева 32,4; Проповедник 3,14). „До времето кога ќе биде обновено сè, за кое Бог зборуваше од дамнина преку устата на своите свети пророци“ (Дела 3,21), саботата на создавањето, денот кога Бог лежел и се одморал во гробот на Јосифа, сè уште ќе биде ден за одмор и радост. Небото и земјата ќе се соединат во славењето „од сабота до сабота“ (Исаија 66,23), а мноштвото спасени во радосно обожавање ќе му се поклонуваат на Бога и на Јагнето.

Во завршните настани во денот на распнувањето даден е нов доказ за исполнување на пророштвото, ново сведоштво за Христовото божество. Кога мракот се повлекол од крстот и кога на Спасителот му се оттргнал смртниот извик, веднаш се слушнал друг глас како зборува: „Навистина овој беше Божји Син“ (Матеј 27,54).

Овие зборови не биле изговорени со шепот. Сите се свртиле да видат од каде тие доаѓаат. Кој ги изговорил? Тоа бил капетан, римски војник. Божественото трпение на Спасителот и неговата ненадејна смрт со извик на победа на усните, оставиле длабок впечаток врз овој незнабожец. Во ранетото, скршено тело што висело на крстот, капетанот го препознал ликот на Божјиот Син.

Не можел да се воздржи да не ја изрази јавно својата вера. Така повторно е потврдено дека нашиот Откупител ќе го види трудот на својата душа. Дента, кога Исус умрел, тројца луѓе, кои многу се разликувале еден од друг, ја изразиле својата вера командирот на римската стража, оној што му го носел крстот на Спасителот и оној што умирал на крст крај него.

Додека се приближувала квечерината, над Голгота почивала натприродна тишина. Мноштвото почнало да се разотидува и мнозина се вратиле во Ерусалим со значително изменет дух од оној што го покажале тоа утро. Мнозина од љубопитство, а не од омраза кон Христа, дошле да го набљудуваат распнувањето. Сè уште им верувале на обвинувањата на свештениците, а Христа го гледале како злосторник. Му се подбивале зафатени од неприродната возбуда и понесени од џганот. Но кога земјата ја обвила темнина, застанале обвинети од сопствената совест, чувствувајќи се виновни за големото зло. Среде таа ужасна темнина не се слушнала никаква шега ниту потсмев, а кога се подигнала, во свечена тишина пошле во своите домови. Биле уверени дека обвинувањата на свештениците биле лажни, дека Исус не бил измамник, а неколку седмици подоцна, кога Петар проповедал на денот Педесетница, се наоѓале меѓу оние илјадници што го прифатиле Христа.

Меѓутоа, еврејските водачи останале неизменети со настаните за кои биле сведоци. Нивната омраза кон Исуса не се намалила. Темнината што ја обвила земјата при распнувањето не била погуста од онаа што сè уште ги обземала умовите на свештениците и поглаварите. Кога се родил, Христа го препознала ѕвезда и ги повела мудреците до јаслите во кои лежел. Небесните војски го познавале и му пееле фалбоспев над витлеемските полјанки. Морето го познавало неговиот глас и ја послушало неговата заповед. Болеста и смртта ја препознале неговата власт и му го вратиле својот плен. Сонцето го познавало и, гледајќи ги неговите претсмртни маки, го скрило своето светло лице. Карпите го познавале и се кршеле при неговиот извик. Мртвата природа го познавала Христа и сведочела за неговата божествена природа. Меѓутоа, свештениците и поглаварите во Израел не го познавале Божјиот Син. (продолжува)

Pin It on Pinterest