(продолжува од претходниот ден) Сатаната сега тврди дека законот што го објавил Бог со својот глас е погрешен, а некои уредби се укинати. Тоа е последна голема измама што ќе се појави во светот. Не е потребно да го нападне целиот закон; тој ја постигнал својата цел ако ги наведе луѓето да не почитуваат едно начело. Зашто „оној што го држи целиот закон, а ќе згреши само во едно, виновен е за сè“ (Јаков 2,10). Луѓето потпаѓаат под сатанска власт прифаќајќи да престапат една заповед. Заменувајќи го Божјиот закон со човечки закони, сатаната ќе се обиде да завладее со светот. Ова дело е преткажано со пророштво. За големата отпадничка сила, која е претставник на сатаната, се вели: „Тој ќе хули на Севишниот, ќе ги сотира светците на Севишниот, ќе помислува да ги измени времињата и законот, и светците ќе бидат предадени во негови раце“ (Данило 7,25).

Луѓето сигурно ќе воспостават свои закони да дејствуваат наспроти Божјиот закон. Тие ќе прибегнуваат кон насилство над совеста на другите и во својата ревност да ги наметнат овие закони ќе ги угнетуваат своите ближни.

Борбата против Божјиот закон, што почнала на небото, ќе продолжи до крајот на времето. Секој човек ќе биде испитан. Послушноста и непослушноста се прашање за кое треба да реши цел свет. Сите ќе бидат повикани да изберат меѓу Божјиот закон и човечките закони. Тука ќе биде повлечена линија на поделба. Ќе постојат само два вида. Секој карактер ќе биде потполно развиен и сите ќе покажат дали се определиле за послушноста или за бунт.

Тогаш ќе дојде крајот. Бог ќе го одбрани својот закон и ќе го ослободи својот народ. Сатаната и сите што му се придружиле во бунтот ќе бидат уништени. Гревот и грешниците ќе исчезнат, и коренот и гранките (Малахија 4,1) сатаната корен, а неговите следбеници гранки. Ќе се исполнат зборовите за кнезот на злото: „Своето срце го изедначи со Божјето… те истргнав, херувиме, заштитниче од среде огненото камење. …Зашто ти стана страшило, исчезна засекогаш.“ Потоа, „за кусо време и злобникот ќе го снема: местото ќе му го бараш, но, нема да го најдеш.“ „Ќе биде како никогаш да ги немало“ (Езекил 28,6­19; Псалм 37,10; Авдија 16).

Тоа не е чин на некакво Божје самоволие. Оние што ја отфрлиле неговата милост, го жнеат тоа што го посеале. Бог е извор на животот и кога човекот ќе избере да му служи на гревот, се одвојува од Бога и на тој начин самиот се лишува од животот. Тој е оддалечен „од Божјиот живот“. Христос вели: „Кој мене ме мрази смртта ја љуби!“ (Ефесците 4,18; Мудри изреки 8,36). Бог за извесно време им дава живот за да можат да го развијат својот карактер и да ги откријат своите начела. Кога ова ќе се доврши, ќе ги примат плодовите на сопствениот избор. Со својот бунтовен живот, сатаната и сите што се соединуваат со него се поставуваат во таква несообразност со Бога, што веќе и самото негово присуство за нив е оган кој запалува. Славата на Оној кој е љубов ќе ги уништи.

На почетокот на големата борба ангелите ова не го разбрале. Кога на сатаната и на неговата војска би им било препуштено да ги пожнеат плодовите на својот грев, тие би загинале, но небесните суштества не би сфатиле дека тоа е неизбежна последица на гревот. Во нивниот ум би останало сомневање во Божјата доброта како семе на злото што би донело свој смртоносен плод на гревот и проклетството.

Но тоа нема да биде така кога ќе се заврши големата борба. Тогаш, бидејќи е довршен планот на спасението, Божјиот карактер ќе им се открие на сите разумни суштества. Одредбите на неговиот закон ќе бидат сметани за совршени и непроменливи. Тогаш гревот ќе ја покаже својата природа, сатаната својот карактер. Тогаш искоренувањето на гревот ќе ја оправда Божјата љубов и ќе ја издигне неговата чест пред сите суштества во вселената кои со радост ја слушаат неговата волја и во чиешто срце се наоѓа неговиот закон.

Во такви пригоди ангелите можеле да се радуваат набљудувајќи го крстот на Спасителот, зашто, иако тогаш не разбрале сè, знаеле дека уништувањето на гревот и на сатаната засекогаш станало сигурно, дека откупувањето на човекот било обезбедено, а вселената станала вечно безбедна. Христос во целост го сфатил резултатот на таа жртва што е принесена на Голгота. Сето ова го гледал пред себе кога на крстот извикнал: „Се сврши!“

Pin It on Pinterest