МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)
„И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде со вас.“ (Јован 14:16.17; Библија)
Во текот на старозаветниот период влијанието на Светиот Дух се забележувало на упадлив начин, но не во потполност. Со векови биле упатувани молитви за исполнување на Божјото ветување за дарот на Светиот Дух, и ниедна од тие искрени молитви не е заборавена пред Бога.
Христос ветил дека, кога ќе си замине од земјата, ќе ги почести со овој дар, не само оние кои Му верувале додека бил со нив, туку и оние кои подоцна ќе поверуваат. Со кој друг дар можел повпечатливо да го одбележи Своето вознесение и Своето стапување на посредничкиот престол? Тоа морало да биде нешто што ѝ доликувало на Неговата големина и на Неговото царско достоинство. Тој одлучил на Своите следбеници да им го испрати Својот претставник – третото лице на Божеството. Тоа бил ненадминат дар. Тој сакал преку овој единствен дар да им ги понуди и сите останати дарови, па затоа, Светиот Божји Дух, Којшто ја осведочува и обраќа душата, Кој има сила да го просветли и да го посвети примателот, единствено можел да биде Неговиот дар ветен на учениците. Тој се спуштил во таква полнота и сила, како со векови да бил задржуван, а сега како силен дожд се излеал во сета полнота врз Црквата.
Верниците биле препородени. Грешниците го прифаќале христијанството, барајќи го како скапоцено зрно бисер. Секој христијанин во својот брат ја здогледал добрината и љубовта слична на божествената. Преовладувал само еден интерес. Една единствена цел фрлила во сенка сѐ друго. Секој пулс чукал еднодушно. Единствената амбиција на верниците била: кој ќе покаже најсовршена сличност со Христа во својот карактер, кој ќе направи најмногу за ширење на Неговото царство.
Светиот Дух бил пратен како најдрагоцено богатство што човекот можел да го прими.