МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 јануари: Верата во мојот живот)

„А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство – во Христа Исуса.“ (Филипјаните 4:19; Библија)

Тешко е да се има жива вера кога се наоѓаме во темнината на обесхрабреноста. Меѓутоа, токму тогаш е времето кога треба да се увежбуваме во верата. „Но“, ќе рече некој, „јас во таквите моменти не чувствувам дека можам да имам молитва во вера.“ Зарем, тогаш, ќе му дозволите на сатаната да задобие победа над вас само затоа што едноставно не чувствувате потреба да му се спротивставите? Тој, токму тогаш, кога ќе види дека ви е најпотребна Божјата помош, ќе настојува со најтешки удари да ве одврати од Бога. Тој добро знае дека, ако успее да ве одврати од Оној Кој е извор на вашата сила и помош, вие ќе останете да лутате низ темнината на гревот.

Нема поголем грев од неверувањето. А кога неверувањето се задржува во срцето, тогаш постои реална опасност тоа да се изрази и во зборовите. Јазикот и устата треба строго да ги зауздувате да не изразуваат такво неверување, не само за да не влијаете лошо на другите, туку и самите со тоа да не се ставате на страната на непријателот.

Ако навистина имаме доверба во Бога, ќе бидеме наоружани со Христовата правда и ќе се одржиме на Неговата сила… Ние треба да разговараме со Спасителот токму така како Тој да се наоѓа непосредно покрај нас.

Наша предност е љубовта, радоста и мирот да ги носиме насекаде со себе како акредитиви на својата вера. Правејќи така, ќе бидеме во состојба силно да ги прикажеме аргументите за Христовиот крст. Ако научиме да се раководиме според верата, а не според чувствата, ќе ја имаме Божјата помош токму тогаш кога ќе ни биде потребна, и Неговиот мир ќе завладее во срцето. Таквиот живот на послушност и доверба во Бога некогаш го водел и Еноха. Кога ќе ја научиме оваа лекција, тогаш како и тој, ќе примиме сведоштво дека сме му угодиле на Бога.

Кога преку вежбање на жива вера својата душа потполно ќе Му ја довериме на Бога, исполнувањето на Неговите ветувања во однос на нас нема да изостане, затоа што тие не се ограничуваат со ништо друго, туку со недостатокот на нашата вера.

Pin It on Pinterest