МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 јануари: Верата во мојот живот)

„Зашто си велеше во себеси: Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам. А Исус се сврте, ја виде и ѝ рече: ‘Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.’ И жената беше исцелена од тој час.“ (Матеј 9:21.22; Библија)

Да се разговара за религиозни прашања на површен начин, и да се моли за духовни благослови без вистински глад на душата и без жива вера, е само малку корисно. Восхитеното мноштво на луѓе кои во турканицата се допирало до Христа не почувствувало никаква живототворна сила од самиот допир со Него. Меѓутоа, кога оваа сирота болна жена ја испружила својата рака и се допрела само до работ на Христовата облека, таа почувствувала сила на исцелување. Тоа бил допир на вера. Христос го забележал таквиот допир, и одлучил врз основа на тоа да им даде поука на сите Свои следбеници сѐ до свршетокот на светот. Чувствувајќи ја силата на исцелување којашто излегла од Него, Тој се свртел кон мноштвото што го опкружувало и запрашал: „Кој се допре до Мојата облека?“ Изненадени со ваквото прашање, некои од Неговите ученици одговориле: „Зарем не гледаш колку народ се стиска околу Тебе, а Ти прашуваш: Кој се допре?“ (Марко 5:30.31; Библија)

Потоа Христос Својот поглед го насочил кон уплашената жена што го направила тоа. Нејзината радост била голема, но таа се плашела можеби со тоа дело да не ја преминала границата на дозволеното? Откако видела дека нејзината постапка била откриена, таа пристапила целата треперејќи, паднала пред Неговите нозе и Му ја кажала целата вистина. Христос за неа немал ниту еден збор на укор, туку нежно ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест!“ (Марко 5:34; Библија)

Овде треба да се истакне разликата меѓу случајниот допир и допирот со вера. Молитвата и проповедањето без жива вера во Бога, ќе останат само како залудни обиди. Но допирот на верата пред нас ги отвара ризниците на небесната сила и мудрост; и така, со посредство на човечкото орудие, Бог прави чуда со Својата милост.

Таквата жива вера и денес претставува најголема потреба. Ние мораме да знаеме дека Христос е навистина во нашето срце, дека Неговиот Дух ги чисти и ги облагородува мислите. Кога Христовите верници би имале вистинска вера, какви дела во понизност и љубов би можеле да извршуваат! Какви плодови би носеле на слава и пофалба на Бога!

Pin It on Pinterest