МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)

„Кој има дар за утеха, нека утешува! Кој раздава, нека дава богато! Кој управува, нека биде ревносен! Кој покажува милост нека го прави тоа весело!“ (Римјаните 12:8; Библија)

Христијанска должност е да се биде пријатно расположен и во своите чувства да се развива несебичност сѐ додека не почувствувате најголемо задоволство во тоа што, сите околу себе ќе ги направите среќни. Веселоста и пријатното расположение, без лекомисленост, спаѓаат исто така во редот на христијанските доблести.

Не дозволувајте збунетоста, телесните грижи и тешкотии на секојдневниот живот да го вознемират вашиот дух и да го намуртат вашето чело. Ако си го дозволите тоа на себе, секогаш ќе се најде нешто што ќе ве повреди, вознемири и загрижи. Животот воглавно е онаков каков што ние ќе си го направиме, и најчесто ќе го најдеме она што го очекуваме. Ако очекуваме само жалост и неволји, ако сме склони да ги увеличуваме своите мали тешкотии и проблеми, ние толку многу ќе натрупаме од тоа во својата душа, што само за тоа ќе зборуваме и размислуваме. Меѓутоа, ако своите мисли ги насочиме на посветлата страна на животот, ќе најдеме доволно причини да бидеме весели, пријатно расположени и среќни. Ако другите ги среќавате со насмеани лица, и тие тоа ќе ви го возвратат, ако им проговорите убав и пријатен збор, и тие ќе ви одговорат на ист начин.

Лукаво смислениот план на сатаната е да ги фрли луѓето, или во една, или во друга крајност. Бог сака ние, како деца на светлината, да имаме дух на весело и пријатно расположение, за да можеме радосно да Го фалиме и славиме Оној, Којшто нѐ повикал од таа темнина во чудесната светлина.

Додека се наоѓате во мрачен подрум, бескорисно е постојано да повторувате дека таму ништо не гледате. Качете се во горната соба каде што блеска полнодневната светлина, и нема да има потреба да зборувате за темнината. Пријдете Му на Христа, и ќе најдете светлина.

Вистинскиот Христијанин секогаш тежнее да Го подржува Христа, бидејќи да бидеш христијанин, значи да бидеш сличен на Христа. Радосното, и со цело срце, служење на Христа претставува светла страна на религијата. Во Христа се наоѓа светлината којашто донесува мир и радост за сите времиња.

Pin It on Pinterest