МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)

„Господ Господ ми даде вешт јазик за да знам да ги закрепнувам уморните со зборови. Секое утро Тој ми го буди увото за да го чујам како учениците.“ (Исаија 50:4; Библија)

Ако Христос пребива во нашето срце, ние ќе бидеме христијани, и во домот, и на секое друго место. Оној, којшто е навистина христијанин, секогаш ќе има убав збор за своите роднини и за сите со коишто доаѓа во контакт. Тој ќе биде љубезен, учтив, пријателски расположен и сочувствителен, припремајќи се на тој начин за живот во небесното семејство. Ако е навистина член на небесното семејство, тој достојно ќе го претставува царството за коешто се подготвува. Ќе зборува благо и кротко со своите деца, имајќи на ум дека и тие се наследници на Божјото царство, членови на небесното царско семејство. Духот на крутост и злоба не може да пребива во срцето на едно Божје дете.

Некои се гордеат со тоа што зборуваат отворено, неучтиво и безобзирно, нарекувајќи го тоа искреност, но вистинскиот назив за таквото однесување е најдлабока себичност.

Христос секогаш бил благ и достоинствен, и оние коишто работат за Него во својата работа ќе користат масло на милост. Нивните зборови и постапки ќе дишат со благост и добрина.

Мораме да се учиме да бидеме сожалливи, благородни, секогаш спремни да простиме, и сочувствителни. Иако треба да го отфрлиме секој бескорисен, непромислен и празен збор, сепак не треба да станеме ладни, несимпатични, нечувствителни и недруштвени.

Нека Господовиот дух почива на вас сѐ додека не станете слични на мирисливо цвеќе од Неговата градина. Зборувајте за светлината, за Христа како Сонце на правдата сѐ додека во развојот на карактерот не се преобразите од слава во слава, од сила во сила, одразувајќи го сѐ повеќе и повеќе милиот Христов лик.

Христос е секогаш подготвен да ги дели богатствата на Својата милост, и ние треба да ги собираме тие драгоцености кои доаѓаат од Него, така што, кога ќе почнеме да зборуваме, тие драгоцености спонтано да излегуваат од нашите усни.

Pin It on Pinterest