МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 aприл: Напредување во благодатта)

„О Боже, чуј го мојот вик, слушај ја мојата молитва! Од крајот на земјата, викам кон Тебе; зашто моето срце ми премира: ќе ме кренеш врз карпата која е повисока од мене. Зашто Ти си ми прибежиште, цврста тврдина против непрјателите.“ (Псалм 61:1-3; Библија)

Дали некогаш сте гледале како грабливиот јастреб го напаѓа уплашениот гулаб? Гулабот инстинктивно чувствува дека може да стане жртва на грабливиот јастреб, само тогаш кога ќе дозволи во летот да биде понизок од него. Затоа тој, во борбата за живот, се воздига сѐ повисоко и повисоко во синиот бескрај. И јастребот исто така се обидува да го стекне тоа предимство, но залудно. Гулабот е безбеден сѐ додека не дозволи било што да го спречи во неговиот лет или да го привлече кон земјата, но штом ќе изгуби храброст и почне да се спушта пониско, неговиот буден непријател со сета своја сила напаѓа врз него како врз своја несреќна жртва. Ние оваа глетка ја следиме со најголемо внимание и скоро без здив, а нашите симпатии се потполно на страната на слабиот гулаб. И колку е жалосно кога гледаме дека тој паѓа како жртва на свирепиот јастреб!

Ние се наоѓаме во непрекината борба со сатаната и неговите лукаво припремени искушенија. Со цел душата да ја фати во своите стапици, непријателот ги користи сите можни аргументи и измами; и ако сакаме да го добиеме венецот на животот, мораме непрекинато да вложуваме најодлучни напори. Не смееме да го одлагаме оружјето, ниту пак да ја напуштаме битката сѐ додека не извојуваме победа во силата на нашиот Искупител. Сѐ додека своите очи ги држиме насочени кон Зачетникот и Свршителот на нашата вера ќе бидеме сигурни. Но нашата љубов и нашите чувства мораат да бидат врзани за она што е горе, а не за она што е на оваа земја.

Во стекнувањето на благодатта и добродетите Христови мораме со вера да се воздигаме сѐ повисоко и повисоко. Со секојдневното размислување за Неговата неспоредлива убавина и привлечност, мораме сѐ повеќе и повеќе да се преобразуваме во Неговото славно обличје. Додека живееме така во постојана врска со небото, сатаната залудно ќе ги плете своите мрежи и замки околу нас.

Pin It on Pinterest