МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)
„Стравот од Господа е почеток на мудроста и познавањето на Светиот е разум.“ (Пословици 9:10; Библија)
Христос е најголемиот Учител што светот некогаш го видел. Тој на луѓето им донесе знаење непосредно од небото. Поуките што Тој ни ги дава се битни и за овој и за идниот живот. Тој пред нас ги изнесува вистинските цели и целта на животот, како и начинот на кој можеме да ги оствариме.
Во Христовото училиште студентите никогаш не се распределуваат според некој степен на совршено образование. За ученици се сметаат и старите и младите. Оние коишто ги слушаат упатствата на божествениот Учител постојано напредуваат во мудроста и облагородувањето на душата, и на тој начин се припремаат за премин во повисоко училиште каде што напредувањето ќе се продолжи низ бескрајното време на вечноста.
Христос, како бескрајна мудрост, ги изнесува пред нас големите поуки за животот, поуките за должност и среќа. Тоа се поуки кои често тешко се учат, но без нив не можеме да сметаме на вистински напредок. Тоа може да нѐ чини тешки напори и солзи, па дури и душевни страдања, но никогаш не смееме да се колебаме или да заостануваме. А на крајот ќе го чуеме повикот на Учителот: „Дете, воздигни се на повисок степен.“
Секоја способност и секое својство со кое Творецот ги обдарил човечките синови треба да се искористи на Негова слава; со таквото користење нашите дарови наоѓаат своја најчиста, најблагородна и најсреќна примена. Додека начелата на религиозност се сметаат за најважни, секој чекор превземан во стекнување на знаење или интелектуално усовршување ќе биде чекор во правец на сообразување на човечкото со божественото, на ограниченото со Неограниченото.
Ако младите се учат од небесниот Учител, тие ќе знаат од лично искуство дека стравот од Господа е навистина почеток на мудроста. Имајќи таков темел, тие ќе знаат да ја искористат секоја прилика и можност на најдобар можен начин, и ќе бидат во состојба да се воздигнат до најголемите висини во интелектуалното знаење.